Edıta Zekjırovıkj
20 Август 2022•Ажурирај: 23 Август 2022
ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ
Кога станува збор за улична уметност, се случува судир на мислења. Некои ја сметаат за вандализам, некои за живописно уметничко дело. Додека пак, творците на уличната уметност ја нарекуваат подарок од страна на уметникот кон градот, чија убавина ги мами луѓето да одвојат бар момент од своето секојдневие и да уживаат во неа.
„Уличната уметност е галерија под отворено небо, секој ден можеш да одиш и да ја гледаш“, со овие зборови еден од нејзините творци, Дејвид Стоилковски (25) од Куманово, се обиде да ја долови посебноста на уличната уметност, раскажувајќи ја приказната за влез во нејзиниот свет, преку цртањето мурали.
Тој за Агенција Анадолија (АА) истакна дека за него цртањето претставува начин на живот, а уличната уметност бескрајна слобода.
Внес на разиграност во градското сивило
Сметајќи дека токму уличната уметност недостасува на улиците, Стоилковски создава визија да ја врати и доближи до луѓето. Најпрво започнал со ‘исцртување’ мурали во градот во кој живее, а потоа цртал и во други градови на територијата на Северна Македонија, како и надвор од границите на земјата при патувањето во Соединетите Американски Држави (САД).
„Пред сè мислам дека треба тоа некое сивило, останато од минато време да го покриеме со нешто убаво и ние кои цртаме помисливме дека ако почнеме со малку посериозни работи дека ќе го доближиме нашиот град и Македонија општо до некои други европски градови со мурали, графити. Постојано да се случува нешто, каде и да се завртиш да има нешто нацртано“, истакна Стоилковски.
Етапен процес
Стоилковски вели дека за еден мурал е потребно многу време и трпение бидејќи цртањето на отворено значи и борба со природата и временските услови, но дека го обожава процесот, бидејќи секогаш изнаоѓа начин неговата визија совршено да ја вклопи во просторот каде ќе биде нацртана.
„Мојот начин на цртање на мурали е (најпрво) фотографирање на инсерти, луѓе од нашата средина тука, потоа на таблет ги спојувам со ѕидот, гледам како ќе изгледа, нешто додавам, вадам од фотографија. Еве тука може да се види некое повторување на девојката која е позади. Тој ми е стилот, реализам, тоа сакам да го претставам“, рече Стоилковски.
Уметноста е неисцрпна
Стоилковски додаде дека нема поголемо задоволство за еден уметник од тоа неговата цел и порака да бидат успешно испратени до публиката, што воедно е и голема мотивација за останатите млади уметници да продолжат да ја негуваат уметноста во разни облици и да не дозволат таа да изумре.
„(Уличната уметност) Тоа е неисцрпна работа на едно општество. На секој ќош може да се види дека некој е потпишан, дека нешто нацртал. Сакам да кажам дека треба да ги поддржат младите уметници луѓето кои живеат тука и конечно да се отвори тој видик дека ние ништо лошо не правиме, дека само добро правиме за ова општество“, упати порака Стоилковски.