СКОПЈЕ (АА) – Леа, Kате, Ева и Филиз се четирите девојки кои ја сочинуваат музичката групата Перија. За себе велат дека се улични артисти и дека улицата за нив претставува најголема сцена каде се достапни за секој оној кој сака добра музика. Во разговор за Anadolu Agency (AA), зборуваат за љубовта кон музиката, уличната уметност, мотивите, идејата и желбата да излезат на улица и со нивното музицирање расположувајќи ги многубројните минувачи во центарот на Скопје.
“Во име на сите можам да кажам дека сме многу благодарни, поради идејата што ја пренесуваме, мислам дека суштината на идејата постоеше отсекогаш, само ние и дадовме форма и име и ја нарековме Перија", вели Леа, која е една од четирите девојки од оваа група, почнувајќи го разговорот за АА, зборувајќи за за реализирање на нивната идеја во реалност.
"Перија всушност значи самовила на торбешки, тоа беше идеја на нашата Филиз, мислам дека се "провна" некако низ целата оваа женска емоција за да се пренесе.Јас мислам дека споделуваме еднаквост, солидарност и емпатија со сето ова што го споделуваме и во музички и во човечки план", раскажа Леа. Таа истакнува дека со изведувањето на различни изворни песни на сите балкански јазици сакаат да ја пренесат универзалната идеја на еднаковост и солидарност.
-Обединување на различностите
"Еднаквоста и солидарноста ја манифестираме на начин што пееме песни на најразлични начини од Балканот, кои на некој начин симулираат пријателство и мир помеѓу сите. Се пее на албански, турски, бугарски, македонски, ромски, мислам дека на тој начин пренесуваме една идеја којашто е универзална бара да биде присутна во Македонија, а ние само ја пренесуваме, се надевам дека допира до сите", вели Леа, која се осврнува и на начинот на кој дошле до користење на просторот во ГТЦ Скопје, така што вели дека учествувале во проект "За љубов кон вистината" за поддршка на уличната уметност на Универзална сала и Град Скопје. Од тогаш, ова место е нивната сцена.
-Улична уметност- култура на пристапност
"Целата стимулација затоа што го правиме е ова е размената со публиката. За мене, мислам и за нив, улицата е најголема сцена, шириме култура на пристапност, секој може да дојде, да чуе и да ужива, ако му дозволиш", вели Леа, зборувајќи за улицата како сцена, каде имаат можност да и се претстават на широката јавност.
Кате е една од четирите девојки кои ја сочинуваат групата Перија која го разубавува денот на многобројните минувачи низ градскиот трговски центар. Во разговор за АА, вели дека Перија е нешто најдобро што можело да и се случи во досегашниот живот.
"Четири жени е најдоброто нешто што ми се случило до сега. Животот на улица е прекрасен бидејќи ова можеме да го дадеме на секого, можат да не слушаат и луѓе коишто немаат пари, и оние што имаат, едноставно, секој, и тоа е она што највеќе ме исполнува. Можам да бидам слободна и секое место на светот да биде нашата сцена" , вели Кате, која е една од четирите девојки кои ја сочинуваат групата Перија. Кате свири на жичени инструменти, но по потреба свири и на ударните. Велат дека поддршката и непосредното внимание кое го добиваат од страна на многубројните минувачи за нив претставува најголемо богаство, бидејќи нивната цел со настапувањето на улица е да бидат достапни за секого.
"Некогаш луѓето се депресивни, понекогаш застануваат и се воодушевуваат,ни викаат прекрасни сте, нас тоа ни ја полни душата. Се трудиме да функционираме како фамилија и го градиме тоа", додава Кате.
Што се однесува до репертоарот, Ева, која е исто така дел од "Перија" вели дека настојуваат на репертоарот највеќе да биде застапена изворната музика, бидејќи тоа е нешто што ги прави сосема поразлични од другите музичари.
"Се водиме од тоа репертоарот да биде изворен, традиционален, односно не практикуваме да свириме новокомпонирани песни, свириме она што е коренот, суштината на музиката, а тоа е изворната музика" ,смета Ева.
-Љубовта кон музиката и "уличниот арт" е нашата движечка сила
Овие музичари кои повеќето од своето време го оставаат токму на улица, свиреќји од се срце, живеат за аплауз, бидејќи велат дека искрениот аплауз е најголемата награда за вистинските уметници. Специфично за оваа музичка група е тоа што за нив пројавуваат интерес сите генерации, тие се интересни како за децата, така и за највозрасните.
" Се трудиме да си пружаме сестринска љубов, а публиката реагира одлично, со тоа што јас многу се радувам кога застануваат луѓе од 7 до 77 години ,буквално, дечиња, пред некој ден имавме дете со аутизам, нешто што лично ме засега, тука застанува и некако многу добро го прифаќаме, тоа многу добро ме радува", раскажа Ева, велејќи и дека луѓето треба да се разбираат со срцето а не со религијата.
"Успеваме да ја пренесеме таа идеја на антинационализам, сите сме еднакви, просто, треба да се разбираме со срцето, не со религијата", смета таа.
news_share_descriptionsubscription_contact


