Admir Fazlagic
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Од денес до 10 април, за љубителите на книгата ќе биде отворен 29. Саем на книгата, кој се одржува на Скопскиот саем, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Скопски саем, организатор на Саемот на книгата, соопштија дека на овогодишниот саем учествуваат околу 80 издавачи. Претставниците велат дека и оваа година на саемот се присутни домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста.
Освен различната понуда на жанрови и многубројни наслови, посетителите во наредните саемски денови може да присуствуваат на шеесетина промоции на нови дела и автори во Промотивниот центар, во втората саемска хала, како и на дебати, трибини, доделувања на награди и други слични саемски активности.
Она што е поразлично од минатогодишните изданија на Саемот на книгата е што за првпат годинава ќе биде претставена и литературата за деца и млади во адаптираното Детско катче, каде што најмладите ќе можат да се едуцираат и да се забавуваат со богати промоции на детски изданија, различни креативни работилници и други забавни активности, како и со дружење и гостувања на авторите на штандовите на издавачите.
Исто така, од четврток до сабота, покрај Саемот на книгата ќе се одржуваат и Деновите на образованието и кариерата и Саемот за туризам.