Aydoğan Kalabalık
22 Февруари 2018•Ажурирај: 22 Февруари 2018
КАИРО (АА) - Кипот на фараонот Рамзес II, сместен во храмот Абу Симбел во египетскиот град Асуан, денеска беше осветлен од Сонцето, што се случува само два пати годишно, јавува Anadolu Agency (AA).
Хошам Абуд, директор на Одделот за артефакти на храмот Абу Симбел, изјави дека овој редок феномен покажува колку Египќаните биле напредни кога е во прашање науката.
Абуд истакна дека сонцето почнало да го осветлува кипот во 06.25 часот по локално време.
Храмот е вклесан 60 метри во внатрешноста на ридот и претставува чудо на египетското градежништво бидејќи неговата ориентација е толку совршено пресметана што сончевите зраци само двапати годишно навлегуваат низ целиот храм до киповите.
Овој феномен се случува на 22 октомври (денот кога се смета дека фараонот се родил) и на 22 февруари (денот кога е крунисан)
Голем број домашни и странски посетители утрово се собраа за да присуствуваат на феноменот на продирање на сончевите зраци длабоко во храмот и осветлувањето на киповите на фараонот Рамзес II, како и киповите на Амон и Ра, додека четвртиот кип на Птах останува во мрак, бидејќи тој претставува божество на подземниот свет.
Абу Симбел е храм кој се наоѓа на левиот брег на реката Нил, а исто така е познат и како Големиот храм на Рамзес II кој се наоѓа на листата за светско наследство на УНЕСКО.
Како дел од одбележувањето на феноменот, денес пред храмот се одржа културна програма, каде што учествуваа околу 20 локални и странски фолклорни групи.