Sanja Janackovic
01 Август 2018•Ажурирај: 02 Август 2018
НИШ (AA) - Гипсана статуа на Шабан Бајрамовиќ, „кралот на ромската музика“ и светски познатиот џез-музичар, на коњска количка е донесена до Амамот во Кале и свечено внесена во идниот Џез-музеј „Нишвил“, јавува Anadolu Agency (AA).
Перформансот на испраќањето на Шабан, како што рече директорот на „Нишвил“, Иван Благојевиќ, на „вечна и бесмртна резервна починка“, се одвиваше со песната „Ѓелем, ѓелем“, композицијата на Бајрамовиќ која на Светскиот конгрес на Ромите во Лондон во 1971 година е прогласена за химна на Ромите.
„Шабан многу ги сакаше коњите и нашата идеја беше да го испратиме во придружба на неговите три миленици“, вели Благојевиќ.
Првиот експонат на овој музеј е дело на вајарот Владе Ашанин, реплика на споменикот на Шабан Бајрамовиќ, чие подигнување и поставување покрај амфитеатарот на кејот во Ниш во 2010 година, исто така го иницираше Џез-фестивалот „Нишвил“.
Музејската поставка која за посетителите ќе биде отворена на 3.8.2018 година во 21:00 часот, подготвувана е само 15 дена, а на собирањето на експонатите ќе се работи уште долго.
„Нам ќе ни треба барем 15 години, како на национален музеј, да ги собереме сите сериозни експонати на големиот светски џез-музеј. Знаеме дека во Европа нема џез-музеи, но дека во Америка ги има, па ќе се обидеме да се поврземе“, вели Благојевиќ.
На површина од 200 квадратни метри ќе има место за најзначајните изведувачи и светски познати џез-музичари.
Во просторијата со статуата на Шабан ќе биде и џубукс на кој посетителите ќе можат да пуштаат негова оригинална композиција, како и инструменти карактеристички за џезот, на кои секој ќе може да го проба својот талент.
Влезот во Музејот ќе биде слободен, но секој кој сака да ја поддржи иницијативата тој да заживее ќе може да остави пари во т.н. „гласачка кутија“. Во текот на програмата на Фестивалот „Нишвил“, во музејскиот простор ќе се одржуваат изложби, а пред музејот концерти и претстави.
Шабан Бајрамовиќ, роден во Ниш во 1936 година, почина пред 10 години. Важеше за музичар со апсолутен слух, кому тоа што не е музички образован не му пречеше да сними 20 албуми, 50 синглови и да напише околу 700 песни. Магазинот „Тајм“ го прогласи за еден од 10-те најголеми блуз-пејачи на светот.