Özkan Beyer
24 Ноември 2017•Ажурирај: 26 Ноември 2017
ГАЗИАНТЕП (AA) - Џан Улкај, режисер на турскиот филм „Aјла" кој е годинашен кандидат за престижната награда Оскар, верува дека децата се тие што носат најголеми лузни од војната, и истакна дека неговиот филм е посветен на нив, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние и самите можеме да забележиме како војните се одразуваат на децата денес во светот. Мораме да правиме филмови што ќе укажуваат на тоа, а „Ајла" е само еден од овие филмови. Иако ова е приказна што го опфаќа периодот пред 60 години, таа ја претставува сегашноста", вели Улкеј.
Филмот, кој оваа година е турски кандидат за Оскар, е приказна заснована на вистински настани од периодот на Корејската војна, 1950 година. Работен е во јужнокорејско-турска продукција, а ги тематизира децата како жртви на војната.
Режисерот Џан Улкај во разговор за АА рече дека и покрај тоа што се работи за приказна од средината на 20. век, таа е актуелна и денес. Тој истакна дека изложеноста на децата на воени ужаси е еден од најголемите проблеми на денешницата.
„Во целиот свет, пред сѐ во Сирија, имаме деца кои се жртви на војната. Во светот денес имаме околу 25 милиони. Ги имаше во 1950 година, а ги има и денес во 2017 година. Децата се оние што имаат најмногу лузни од војната и тоа беше нашата цел за време на снимањето на филмот. Мислам дека на светот му се потребни такви филмови. Исто така, мислам дека филмот се вклопува во контекст на денешната политика. Се надевам дека ќе постигнеме добар резултат", рече Улкеј.
Улкеј исто така нагласи дека покрај тоа што филмот ги тематизира војната и децата како жртви, тој е и филм на љубовта.
„Се работи за татко и ќерка. Мислам дека како таков ќе постигне сличен ефект насекаде во светот. Го гледаат сите возрасти", рече Улкеј, авторот на филмот, чиј англиски наслов е „Aјлa, ќерка на војната“.