Kemal Zorlak
15 Март 2021•Ажурирај: 16 Март 2021
САРАЕВО (АА) - Филмот на босанскохерцеговската авторка Јасмила Жбаниќ, „Каде одиш, Аида?“ (“Quo vadis, Aida?”), кој зборува за геноцидот во Сребереница, денес е номиниран за престижната награда Оскар во категоријата најдобар филм надвор од англиското говорно подрачје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американската академија за филмски уметности денес официјално ги објави номинациите за 93. доделување на филмската награда Оскар, што ќе се одржи на 25 април.
Откако во средината на февруари беше објавена потесната листа од 15 филмови, Академијата денес го објави потесниот избор од пет филмови, меѓу кои се најде и филмот „Каде одиш, Аида?“.
Освен босанскохерцеговскиот филм, во трката за титулата најдобар странски филм се најдоа и филмовите: „Уште еден круг“ (Another Round) од Данска, „Подобри денови“ (Better Days) од Хонгконг, „Колектив“ (Collective) од Романија и „Човекот кој ја продаде својата кожа“ (The Man Who Sold His Skin) од Тунис.
Она што може со сигурност да се каже е дека ваквиот успех на филмот „Каде одиш, Аида?“ беше и очекуван, со оглед на тоа што филмот наиде на многу позитивни критики и веќе беше означен како еден од фаворитите за Оскар. Тоа исто така го потврдија номинациите и наградите на голем број други престижни фестивали.