Alma Çekovic
18 Август 2017•Ажурирај: 19 Август 2017
САРАЕВО (AA) – Британскиот актер, сценарист и продуцент Џон Клис, специјален гостин на овогодишното 23. издание на Сараевскиот филмски фестивал (СФФ), кому во вторник му беше врачено „Почесното срце на Сараево“, беше гостин на програмата „Кафе со...", а пред бројната публика на фестивалскиот плоштад пред Народниот театар во Сараево, меѓу другото, зборуваше за комедијата, што најмногу го насмеало во последно време и за филмовите во коишто учествувал.
Тој се пошегува на своја сметка дека во споредба со Роберт де Ниро, кому минатата година исто така му беше врачено „Почесно срце на Сараево“, глумел во само четири големи филма, а во останатите се појавувал само по неколку секунди, што е, како што рече, мал придонес.
Актерот истакна дека креирањето комедија е несвесно, а да се комбинира свесноста и критичноста е многу тешко.
„Комедијата треба да се упрости за да биде јасна. Публиката не може да се смее ако е збунета. Во драмата се збунети, но во тоа уживаат. Не можете да ги насмеете луѓето доколку се збунети, ако не разбираат за што се работи. Сѐ што можете да направите е да ја разјасните комедијата, без тоа да биде очигледно. Тоа ќе биде она смешното“, рече Клис.
При пишувањето комедија, Клис истакнува дека самата приказна и нејзиниот крај се најважни, како и дека комедија не може да се напише доколку авторот не го знае крајот, потоа се додаваат дијалозите, шегите и останатото.
„Ако имате вистинска приказна и доколку сте се нашле во смешни ситуации, лесно е да се напише приказна, бидејќи ситуацијата е веќе смешна. Луѓето воглавно ја пишуваат приказната, а пота ги додаваат шегите“, истакна Клис.
Според неговите зборови, комедијата е есенцијално критична.
„Повеќето комедии можете да ги анализирате во контекст на фактот дека го критикуваат човековото однесување, дека во хумористична светлина зборуваат за карактерот кој може да биде подобар од она што е. Не е убаво да се критикуваат други луѓе, но во тој случај, тоа може да го направите на хумористичен начин“, објасни британскиот комичар додавајќи дека комедијата знае да биде непријатна.
Клис истакна дека идеите и инспирацијата ги црпел од старите холивудски комичари, меѓу кои бил и од познатиот Чарли Чаплин, но никогаш не настојувал да ги копира, туку во комедијата настојувал да се внесе себеси и своите идеи.
На прашањето што најмногу го насмеало во последните 10-20 години, Клис одговори дека тоа била една симпатизерка на американскиот претседател Доналд Трамп, кој со својот коментар за жените предизвика остри реакции во американската јавност, оправдувајќи го дека тоа не би го изјавил доколку знаел дека се снима.
За тоа дека секогаш е позитивен и расположен за шеги, Клис ја цитираше изреката дека животот е сочинет од илјада радости и илјада таги, како и дека депресивните луѓе понекогаш се чувствуваат најсреќни на светот.
Пред промоцијата на филмот „Рибата што се вика Ванда“, во кој глуми Клис, пред повеќе од 3.000 луѓе му беше врачено „Почесното срце на Сараево“ за исклучителен придонес во филмската уметност.
Публиката со громогласен аплауз и со овации го поздрави легендарниот комичар, кој изрази големо задоволство што е во Сараево.
Наградуваниот британскиот комичар и член на поранешната комичарска група Монти Пајтон е напознат по својот придонес и улогите во хумористичните серии „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ и „Fawlty Towers“, како и долгометражните филмови „Монти Пајтон и Светиот грал“, „Животот на Брајан“ и „Рибата наречена Ванда“.