Hasan Esen
04 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
БЛЕД (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Турција не се залага само за спречување на злосторството над муслиманското малцинство во Мјанмар, туку и за пронаоѓање трајно решение за проблемот во тој регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денес допатува во Словенија за да учествува на 12. Стратешки форум во Блед, а во таа пригода се обрати пред присутните новинари и укажа на масакрите на коишто се изложени араканските муслимани во Мјанмар.
Тој истакна дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и дипломатската мрежа на Турција овие денови водат интензивни разговори со меѓународните официјални лица, Чавушогли изјави дека Турција ќе ја наметне темата за страдањето на муслиманите во Мјанмар на дневен ред за дискусија на престојната седница на Генералнтото собрание на ОН и на меѓународниот собир за мировните преговори за Сирија во Астана.
„Насилството во Мјанмар ескалираше откако беше објавен извештајот на ОН и ние мислиме дека тоа не е случајност, туку станува збор за систематски и планирани случувања. Знаеме дека тука се играат некои игри, но загрозени се нашите браќа, араканските муслимани, невини луѓе“, изјави Чавушоглу.
„Се надеваме дека ќе пронајдеме трајно решение за тој проблем, бидејќи во спротивно, таквите злосторства ќе се повторуваат. Светот мора да биде повнимателен во врска со ова прашање“, порача Чавушоглу.
Обвинувајќи ја меѓународната заедница дека е нема пред страдањето на муслиманите во Мјанмар, Чавушоглу изјави дека Германија предничи во тоа.
„Пример е Германија, која постојано се обидува да држи некому лекции за човековите права и за демократијата. Јас не слушнав во синоќешниот предизборен дуел дека Ангела Меркел и Мартин Шулц ги споменаа масакрите во Мјанмар. Не го споменуваат страдањето на муслиманите бидејќи знаат дека така би изгубиле гласови. Каде сте, бидете храбри кога толку се залагате за човековите права“, порача Чавушоглу.
Чавушоглу додаде дека истата критика важи и за муслиманските земји, кои мораат да се обединат за да помогнат во решавањето на араканскиот проблем.
„Да дејствуваме заедно и да го решиме проблемот. Да му покажеме на целиот свет дека муслиманите не се сами“, изјави Чавушоглу и додаде дека Турција работи на тоа и како претседател на Организацијата за исламска соработка.