НЕПЈИДО (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, престојува во прва официјална посета на Мјанмар, а во таа пригода изрази задоволство од политичката транзиција од повеќедецениската воена диктатура на цивилната власт во таа земја и порача дека Турција е спремна да помогне во решавање на проблемите на сите народи, вклучувајќи ги и проблемите на малцинската заедница на Рохинги муслиманите, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер за надворешни работи во главниот мјанмарски град Непјидо, беше примен со државна почест од страна на претседателот на таа земја, Хтин Кјав.
Неименувани дипломатски извори за АА јавуваат дека за време на состанокот во претседателската палата истакната е важноста од унапредување на билатералните односи на двете земји и продолжение на хуманитарната и економска поддршка која Турција и ја пружа на Мјанмар.
Во Мјанмар во ноември минатата година одржани се историски парламентарни избори на кои победата ја доби Националната лига на демократи (НЛД) на чие чело добитничката на Нобелова награда за мир е Аунг Сан Су Чи. Поради уставната одредница која забранува именување за претседателот на Мјанмар на лице чие дете е странски државјанин, Су Чи не е кандидирана за претседтаелка туку на таа функција е именуван нејзиниот близок соработник Хтин.
Су Чи, која е на функцијата државна советничка и министерка за надворешни работи, денес го прими својот турски колега Чавушоглу, а по состанокот е одржана и заедничка прес-конференција.
Заблагодарувајќи се на Су Чи за повикот и гостопримството, Чавушоглу истакна дека Турција е исклучително задоволна поради воспоставување на цивилната влада по 54 години воена диктатура во Мјанмар, која на таа земја ќе и донесе мир, правда и просперитет.
„Турција најсилно го подржува развојот и градењето на внатрешниот мир во Мјанмар. Во Јангон, во 2012 година, отворивме амбасада и започнавме соработка на бројни полиња. Во изминатите четири години, Турција, за хуманитарна помош, образование и здравство во Мјанмар , обезбеди 13 милиони долари”, изјави Чавушоглу и додаде дека билатералните односи помеѓу двете земји се официјално воспоставени во 1958 година, но дека тие датираат значително од поодамна.
Осврнувајќи се на проектите на помош кои Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА) ги реализира во мјанмарската покраина Аракан, Чавушоглу изјави дека Турција не помага само на тоа муслиманско малцинство, но дека изградените клиники и патишта се од корист за припадниците на сите народи и етнички групи.
„Она по што Турција се разликува од другите е тоа што ние не ги наметнуваме проектите на помош, туку ги бираме во соработка со владите и локалните власти на земјите во кои ги реализираме прокетите за помош. Владите и локалните власти најдобро ги знаат потребите на својот народ и ние и понатаму ќе ја продолжиме соработката и поддршката со посредство на официјалните институции”, изјави Чавушоглу.
Истакнувајќи дека моменталната билатерална трговска размена од 38 милиони долари е недоволна, Чавушоглу рече дека постојат големи неискористени потенцијали за интензивирање на соработката помеѓу Турција и Мјанмар, и дека посакува Turkish Airlines да отвори нова линија за Мјанмар.
Чавушоглу исто така во текот на разговорот со Сан Чу изрази задоволство за потезите на новата влада во правец на решавање на проблемот и давање право на државјанство на муслиманското малцинство Рохинги. Тој додаде дека во Мјанмар живеат 135 етнички групи и дека тоа е богатство на таа земја.
И шефицата на мјанмарската дипломатија, Су Чи, истакна дека Турција силно го поддржува Мјанмар на пат кон економски и политички развој кој за цел има воспоставување на мир помеѓу сите етнички, верски и политички групи.
„Тоа е темел на политика на нашата влада. Правдата и развојот се два нераздвојни термини бидејќи силната спрега помеѓу тие сегменти им дава на луѓето безбедност во секоја смисла на зборот. Безбедноста не е само материјална работа, туку и чувство. Се надевам дека сите земји во светот ќе дадат придонес во градење на правдата и мирот”, изјави Су Чи.
news_share_descriptionsubscription_contact
