Meltem Bulur,Fatih Tuna
07 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за ЕУ, Омер Челик, денес во Анкара изјави дека Европската Унија мора итно да ги доведе во ред двојните стандарди што за терористичката организација ПКК ги применуваат различните институции на Унијата, и порача дека Турција ќе продолжи со одлучната борба против сите облици на тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес, во хотелот „ЏВ Мериот“ во Анкара, министерот Челик се состана со амбасадорите на членките на ЕУ во Турција и во таа пригода им се обрати во врска со актуелните случувања во Турција и пошироко.
По состанокот, Челик на конференцијата за новинари истакна дека по неуспешниот обид на терористичката организација ФЕТО за државен удар во Турција на 15 јули, земјата добила само реторички пораки, но не и конкретна поддршка и солидарност од Европската Унија.
„Јас лично очекував лидерите на европските институции и земји по 15 јули да дојдат во Турција и јасно да порачаат дека се против воените удари на демократијата во една демократска земја, токму како што тоа го правеа по терористичките напади во редакцијата на списанието „Шарли Ебдо“ во Париз. Тоа би било силна порака на демократијата и против радикализмот во Европа, омразата кон странците и судирите што се случуваат меѓу верските и етничките групи јужно од нашата граница. За жал, таа можност не е препознаена“, изјави Челик.
Оценувајќи ги како неприфатливи и разочарувачки критиките што лидерите од Европа ги упатуваат до Турција, чиј народ храбро и со голи раце застана и го одбрани демократскиот поредок за време на предавничкиот напад на пучистите, Челик рече дека Турција ги гледа односите со Европската Унија како стратешки односи коишто треба да се градат во позитивна насока и да се градат нови мостови на соработка.
Тој потсети на зборовите на германската канцеларка Ангела Меркел, дека е потребно да се води меѓусебен дијалог, а не да се озборува отстрана, и рече дека политиката на европските институции не треба постојано да зборува за Турција, која и претходно и сега, во секоја пригода нагласува дека е подготвена за разговори во врска со сите прашања во рамките на преговорите за интеграција во Унијата.
Челик се осврна на критиките што официјалните лица од Брисел ги упатуваат до Турција поради укинувањето на имунитетот на претставниците на Парламентот и за неодамнешното приведување на претставници на Народната демократска партија (ХДП) кои не се отповикаа во обвинителството за да дадат искази во рамките на истрагата што се води против нив, а поголемиот дел се однесува на тероризмот.
Тој изјави дека никој не смее да биде над законите и дека сите имаат обврска да одговорат на правосудните институции во една правна и демократска држава. Челик потсети дека одлуките на Венецијанската комисија се јасни и дека во ЕУ е укинат имунитетот на многумина бидејќи никој не е над законите.
Нагласувајќи дека укинувањето на имунитетот е одлука којашто се однесува на сите парламентарци, а не само за некоја политичка партија, Челик изјави дека владејачката Партија за правда и развој се залага за политички плурализам и оти секогаш се противела на затворање на политичките партии.
„Денес некои велат дека во Турција се апсат парламентарци, но не е така, се апсат осомничени за тешки дела. Не постои ниту една земја во светот во која позицијата на парламентарец на тоа лице му дава слобода да спроведува терористички активности. Во Турција се спроведуваат легални процедури против оние што вршат терористичка пропаганда, го поддржуваат тероризмот и одбиваат да одговорат на повиците на обвинителството“, изјави министерот Челик.
Турскиот министер за ЕУ, Челик истакна дека Турција го продолжува својот пат за интегрирање во глобалното општество, почитувајќи ги современите вредности и слободи, и додаде дека нејзините односи со ЕУ се кревки поради двојните стандарди од другата страна.
„ЕУ конечно треба да ги уреди тие двојни страндарди што нејзините институции ги применуваат кон терористичката организација ПКК. Одлуката на судот во Белгија да не ја третира ПКК како терористичка организација е директен удар на Договорот за човекови права. Одлуката на судот во Белгија дека активностите на ПКК се плод на оружена борба, а не тероризам, ги става на ист тас таа терористичка група и легалната држава. Тоа е против сите меѓународни норми, и како такво е неприфатливо“, порача Челик.
Тој се осврна и на критиките што претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, ги упати до Турција, и изјави дека би било покорисно Јункер да се занимава со работата за која е поставен.
„Претседателот на Европската комисија сѐ уште не дошол во Турција во врска со неуспешниот обид за воен удар. Не дојде за да покаже солидарност со демократските институции на оваа земја. За жал, во мандатот на Јункер, Европската комисија поминува низ најнеуспешниот период од аспект на бегалската криза, тероризмот, безбедноста и другите проблеми“, изјави Челик.