СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ -
На иницијатива на турски професори, бизнисмени и креатори на јавното мислење, во 2016 година во Скопје е основан Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), кој има за цел создавање млада генерација која ќе даде свој удел во обезбедувањето на светскиот мир.
Ректорот на ИБУ, проф. д-р Исмаил Коџајусуфоглу, за АА зборуваше за работата на Универзитетот.
Ректорот Коџајусуфоглу рече дека новиот објект на Универзитетот во Скопје ќе биде отворен за церемонијата на доделување дипломи за осмата генерација дипломци на ИБУ. Тој информираше дека се завршени сите подготовки и дека новиот кампус на Меѓународниот балкански универзитет ќе започне со работа во новата 2018/2019 академска година.

Понатаму изјави дека новиот кампус ќе донесе нови успеси за Универзитетот, кој досега постигнал многу, додавајќи дека постоечката соработка ќе ја зголемат уште повеќе, со околу 150 универзитети.
Една од целите на Универзитетот, како што рече ректорот Коџајусуфоглу, е и основање на Центар за истражување и развој, и во таа насока рече дека планираат да ги разгледаат можните предлози на научниците и заедницата.
Новиот кампус во кој се препознаваат мотиви од османлискиот период и од периодот селџук (11 - 14 век), се протега на површина од 20.000 квадратни метри. „Кога ќе завршат сите работи, Универзитетот ќе стане образовен центар кој ќе може да им пружа услуги на 6.000 студенти. Во моментов има капацитет за студирање на 3.000 до 3.500 студенти“, рече ректорот Коџајусуфоглу.

Тој понатаму рече дека според планираното, се очекува преостанатите делови од Универзитетот да бидат завршени во наредните две години, додавајќи дека кампусот ќе биде составен од шест згради.
- „Светот денеска има поголема потреба од мир, од кога било претходно“ -
Ректорот изјави дека во рамките на Универзитетот досега организирале голем број активности на студентско и научно ниво. Додаде дека планираат на овогодишниот Интернационален студентски конгрес, кој го организираат по петти пат, да учествуваат повеќе од 100 студенти од 50 различни земји.
Коџајусуфоглу рече дека го поддржуваат и го помагаат развојот на проектите на своите студенти, и додаде: „Светот денеска има поголема потреба од мир, од кога било претходно. Доколку младите дојдат на едно место, различноста ја прифатат како богатство и научат да ја дочекаат со почит, сигурен сум дека светот на тој начин ќе може да дојде до посакуваниот мир.“
Околу профилот на студентите кои студираат на ИБУ, Коџајусуфоглу информираше дека покрај студенти од Македонија и Турција, има студенти и од балканските земји, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија и Косово.
Ректорот истакна дека благодарение на меѓународната соработка и програмата „Еразмус“, на ИБУ има студенти од повеќе земји од светот, односно, дека на него студираат лица од 15 различни земји.
За студентите од Турција кои сакаат да студираат на ИБУ во Скопје, ректорот Коџајусуфоглу рече дека планираат во истанбулскиот кварт Ејуп да отворат канцеларија, која ќе може да им даде одговор на сите прашања.
- ИБУ е дел од листата за изборни универзитети на Турција ОСЈМ (Центар за одредување, селекција и сместување) -
Ректорот д-р Коџајусуфоглу рече дека ИБУ е приватен универзитет, основан во согласност со македонските закони за образование. ИБУ е универзитет кој се наоѓа на листата на изборни универзитети во Турција ОСЈМ (Центар за одредување, селекција и сместување), и претставува еден од двата такви универзитети на Балканот.
Ректорот информираше дека Универзитетот е составен од седум факултети, на кои се организираат студии за 22 насоки, а поседува и програма за 10 магистерски студии. Тој рече дека Универзитетот е единствен во регионот со својата програма за наставници по турски јазик, истакнувајќи дека имаат за цел создавање најдобри учители по турски јазик.

Коџајусуфоглу истакна дека Универзитетот го привлекува вниманието со својот успех и интернационалната структура. „Можеби едно од најзначајните нешта што Меѓународниот балкански универзитет го прави многу поразличен од останатите универзитети е нивото на стипендирање кое никој не може ниту да го претпостави. Овој универзитет нема профитабилна ориентираност. Негова цел е доближување на младите и создавање млада генерација, која по својата рамноправност и еднаквост, ќе биде пример за светот“, рече Коџајусуфоглу.
- Секоја година се стипендирани околу 500 студенти -
Ректорот на ИБУ, Коџајусуфоглу, изјави дека секоја година, околу 500 студенти добиваат стипендии со различна вредност.
Коџајусуфоглу потсети дека секоја година на 2 април го организираат првиот испит за добивање стипендија, и додаде: „И покрај тоа што во тој период се одвиваше наставата во средните училишта, на испитот учествуваа повеќе од 600 ученици. Постои голем интерес. Вториот испит за добивање стипендија е закажан за 27 јуни. Учениците во голем број продолжуваат да се пријавуваат за испитот.“

Ректорот Коџајусуфоглу истакна дека по дипломирањето на студентите, фокусирани се во давање помош за наоѓање работа за своите студенти. За таа цел, ја организираат програмата „Денови на кариерата“, на која за студентите од последната година на студии организираат средби со директори и раководители од различни фирми и компании.
Во академската 2015/2016 година, Универзитетот ИБУ на Шангајската листа на универзитети, според образовната настава, беше избран за најдобар универзитет во Македонија.