Mohamad Misto,Adham Kako,Selen Temizer
23 Јануари 2017•Ажурирај: 23 Јануари 2017
АСТАНА/АНКАРА (АА) - Шефот на делегацијата на сириската опозиција, Мухамед Алуш, на почетокот на мировните преговори во казахстанскиот главен град Астана, порача дека опозицијата нема да се согласи на преговори за други теми, доколку прво не се воспостави прекин на огнот во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Астана денес започна првиот состанок на којшто се разговара за можните решенија за сириската криза, а шефот на делегацијата на опозицијата Aлуш порача дека за политичко решавање на кризата може да се зборува само откако низ цела Сирија ќе биде имплементирано примирјето.
Алуш исто така рече дека во првата фаза мора да се отворат хуманитарни коридори во градовите под опсада на силите на сирискиот режим, како и да се ослободат 13.000 жени затвореници од затворите на режимот.
„Вистинското политичко решение за кризата во Сирија ќе се постигне со заминување на Башар ал-Асад и неговите сојузници од Сирија“, рече Алуш.
Тој исто така рече дека е неприфатливо и понатаму во Сирија да делуваат групите на иранските милитанти и силите на ПЈД - сирискиот огранок на терористичката организација ПКК. Тој додаде дека тие групи не се разликуваат од ДЕАШ и дека итно треба да се стават на листата терористички организации.
На иницијатива на Турција и Русија денеска во Астана започна состанок за ставање крај на војната во Сирија, на којшто преговараат делегациите на воените групи на опозицијата, делегација на сирискиот режим, како и делегации на Турција, Русија, Иран и САД.
Делегацијата на сириската опозиција на состанокот ја претставуваат 14 членови кои го сочинуваат воената делегација на опозициските групи кои се борат на боиштата во Сирија.
По кратка пауза, вториот дел од состанокот е продолжен со индиректен формат на преговори.