Mehmet Tosun
12 Јуни 2017•Ажурирај: 13 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот и портпаролот на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, изјави дека референдумот за отцепување на регионот на Курдската самоуправа во северен Ирак ќе предизвика само дополнителна дестабилизација на регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
По денешната седница на Кабинетот на турската влада, Куртулмуш на прашања од новинарите коментираше за референдумот кој го најавуваат курдските власти во Ирак, и порача дека за ваквите важни политички прашања мора десетпати да се размисли пред да се направи потег.
„Ирак е премногу расцепкан и падна во безизлезна политичка криза. Знаеме дека референдумот во северниот дел на земјата не може да донесе ништо освен дополнителна дестабилизација во регионот. Затоа, мислам дека сите политички актери во регионот треба десетпати да размислат пред да направат каков било чекор“, истакна Куртулмуш.
Осврнувајќи се и на кризата во односите меѓу Катар и одредени држави од Заливот, Куртулмуш рече дека Турција од почетокот на несогласувањата повикува на мирно решавање на кризата, којашто може да предизвика војна од поголеми размери меѓу различните фракции.
„Ескалацијата на кризата би донела големи проблеми во регионот и тоа е сосема јасно, не треба да се биде многу прониклив да се види тоа. Турција вложува максимални напори за решавање на оваа криза и се надеваме дека тоа брзо и ќе се оствари“, рече Куртулмуш.