Ekipa
01 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека во Советот за безбедност на ОН нема правда, иако токму тоа е неговата основна задача, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на официјалната посета на Њу Делхи, турскиот претседател Ердоган и премиерот на Индија, Нарендра Моди, ги предводеа двете делегации на билатералниот состанок по кој се потпишани неколку билатерални договори, а Ердоган и Моди им се обратија на новинарите и остро го критикуваа механизмот на работата на ОН.
Турскиот претседател истакна дека Турција и Индија одлучно ја водат борбата против сите видови тероризам и дека победата е сѐ поблиску.
„Уверен сум дека властите на Индија во потполност ќе го неутрализираат дејството на терористичката организација ФЕТО на својата територија и во оваа пригода повторно ѝ се заблагодарувам на Индија за искажаната солидарност со Турција и со нејзиниот народ по неуспешниот јулски обид за воен удар“, изјави Ердоган.
Шефот на индиската Влада, Моди, во таа пригода изјави дека на состанокот разговарале за билатералните, регионалните и за глобалните прашања, а особено за неопходноста за реформи на механизмот на работата на ОН.
„Согласни сме дека зголемувањето на бројот на членките во Советот за безбедност на ОН позитивно би придонело за факторот на застапеност и за ефикасноста на работата на тоа тело. Ердоган и јас сме исто така согласни дека Советот за безбедност треба да ја одразува сликата на светот од денешницата, а не сликата на светот од минатиот век“, изјави Моди.
Тој истакна дека тероризмот е заедничка закана за Индија, Турција и за целиот свет, и дека тој никогаш и на никаков начин не може да биде оправдан.
По состанокот, на индискиот Универзитет Џамија Милија Исламија, на Ердоган му е врачена титулата почесен доктор на науките, а во обраќањето пред присутните на таа свеченост, турскиот претседател изјави дека во Советот за безбедност на ОН нема правда, иако правдата е една од основните задачи на таа институција.
„Кога го велам тоа, ме критикуваат дека сум груб и не ме сакаат. Без разлика, мене ми е доволно да ме засакаат загрозените и обесправените, чии интереси ги бранам“, порача Ердоган.
Осврнувајќи се и на ситуацијата во Сирија, Ердоган изјави дека за неефикасноста на ОН нема зборови ако се знае дека убиецот Башар ал-Асад и понатаму го спроведува државниот терор со кој уби речиси милион лица.
„Ние нема да ги затвориме нашите врати пред Сиријците кои и понатаму бегаат од гранатите, бомбите и од хемиското оружје. Бидејќи кога би ги затвориле нашите граници, и ние би станале соучесници во уништувањето на сирискиот народ“, заклучи Ердоган.