Gülbin Yıldırım
08 Септември 2018•Ажурирај: 09 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Министерот за трезор и финансии на Република Турција, Берат Албајрак, порача дека турската економија ја покажала силата наспроти нападите на американскиот претседател Доналд Трамп, односно покажала дека е поставена на многу цврсти темели, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерот Албајрак напиша статија за американското списание „Фореин полиси“ („Foreign Policy“) на тема „Не може да му се верува на управувањето на САД со глобалната економија “.
„Нападот на турската економија мора да се земе како пример за тоа како со бесрамното користење на економската моќ, како политичко оружје, може да се отвори ризик на глобален план.
Сега, други земји треба да делуваат заедно со Турција и така да придонесат за развивање на една заедничка стратегија против вештачките кризи во иднина“, пишува Албајрак.
Албајрак наведува дека по нападот на Трамп на Турција, светот мора да се заштити од американската економија.
„Во август оваа година, економијата на Турција беше главна тема на глобално ниво. Причината за ова е систематскиот напад од најголемиот играч во глобалниот економски систем, САД, на турската економија. Тоа беше еден од најразочарувачките моменти во сојузничката историја на нашите земји. Администрацијата на Трамп јавно, преку санкции и царини, ја нападна економијата на земја која е членка на НАТО“, нагласува Албајрак.
Понатаму наведува дека овој напад предизвикал одредено бранување во курсот на лирата, но на крајот, вели Ајбалрак: „...турската економија во сето тоа успеа да покаже дека е поставена на цврсти темели“.
„Турската економија ја покажа силата наспроти негативната пропаганда и нападите врз нашиот финансиски систем. Многу е важно да се истакне дека ниту еден економски, ниту макроекономски показател не предизвика пад на вредноста на турската лира. Во овој процес не дојде до какви било промени во финансиската структура на банкарскиот систем на Турција“, порача турскиот министер за трезор и финансии, Берат Албајрак, во статија за американското списание „Foreign Policy“.