Nuran Erkul Kaya
11 Мај 2018•Ажурирај: 12 Мај 2018
БУРСА (АА) - Министерот за енергетика и природни ресурси на Република Турција, Берат Албајрак, денес во Бурса изјави дека на 12 јуни оваа година ќе биде официјално пуштен во употреба трансанадолискиот гасовод ТАНАП, кој ќе пренесува гас од Азербејџан до Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Албајрак престојуваше во турскиот град Бурса, каде што присуствуваше на состанокот на Здружението за дистрибуција на електричната енергија (ELDER).
Албајрак истакна дека Турција во 2018 година за цел има една многу силна енергетска политика.
„За проектот ТАНАП говоревме дека е проект на векот, и моментално работите на овој гасовод се приведуваат кон крајот. Со учество на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, како и на голем број други високи претставници на двете земји, на 12 јуни гасоводот ТАНАП свечено ќе го пуштиме во употреба“, рече Албајрак.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, за време на посетата на Азербејџан, на крајот на октомври 2017 година, најави дека првите количини гас од Азербејџан наскоро ќе тргнат кон Турција, а потоа и кон Европа.
Гасоводот ТАНАП во Турција ќе пренесува природен гас од Азербејџан. Во првата фаза гасоводот преминува преку турско-грузиската граница и завршува во турската област Ескишехир, каде што се изградени компресорски станици.
Вториот дел од проектот почнува од Ескишехир и продолжува до Ипсала во Едрене на турско-грчката граница, каде што ТАНАП ќе биде поврзан со Трансмедитеранскиот гасовод (TAP), кој азербејџанскиот гас понатаму ќе го испорачува на европскиот пазар.
Двојниот цевовод е со пречник од 36 инчи, а целиот гасовод ТАНАП е долг 1.850 километри. Годишниот капацитет на ТАНАП ќе изнесува 16 милијарди кубни метри гас, од кој Турција ќе користи шест милијарди кубни метри, додека останатите десет милијарди кубни метри гас ќе бидат испорачувани на европскиот пазар.