İlkay Guder
27 Октомври 2016•Ажурирај: 28 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека целта на обидот за државен удар на 15 јули, кој се обиде да го изврши терористичката организација ФЕТО, било преземање на државата, но и повеќе од тоа, предизвикување граѓанска војна во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Јасно е дека целта на обидот за државен удар на 15 јули беше да се предизвика граѓанска војна во земјата, повеќе отколку преземање контрола над државата бидејќи на сите што барем малку ја познаваат нашата земја им е сосема јасно дека народот нема да ја предаде државата на неморалните предавници кои сопствениот разум го предадоа на Пенсилванија“, изјави Ердоган, обраќајќи се пред насобраните на програмата по повод вработувањето во државни институции на членовите на семејствата на загинатите херои, ранетите и цивилните жртви на тероризмот.
Претседателот на Турција изјави дека безбедносните сили по пронаоѓањето на пучистите, кои се криеле една недела по обидот за атентат на претседателот во Мармарис, на 15 јули, во состојба каква што владеела, можеле да постапат на друг начин, но изреагирале крајно коректно доведувајќи ги сите пучисти пред лицето на правдата.
„Безбедносните сили по една недела ги пронајдоа оние што дојдоа да ме убијат во Мармарис. Можеа да ги убијат на место, да направат што било. Но не направија, ги приведоа во правосудните институции за да им се суди, и тоа е правилен начин што го следиме“, изјави Ердоган.
Тој потсети дека терористите на ФЕТО во обидот за пуч убиле 246 лица, и напомена дека граѓаните на Турција и понатаму бараат воведување на смртна казна во таа земја.
„Ако парламентот донесе таква одлука и таа дојде до мене, јас како претседател ќе ја одобрам“, изјави Ердоган.
Како што изјави тој, обидот за пуч на 15 јули го оценува како агресија на Република Турција бидејќи целта била, како што повтори тој, да се предизвика граѓанска војна во земјата.