Bayram Altuğ
02 Декември 2018•Ажурирај: 03 Декември 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Заменик-генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), задолжен за хуманитарни прашања, Марк Ловкок, истакна дека состојбата во Јемен загрижувачки се влошува, и дека Јемен се наоѓа на прагот на една голема катастрофа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ловкок објави соопштение по неговата посета во Јемен, која беше реализирана со цел да ја оцени хуманитарната состојба во земјата.
Тој информираше дека во градот Аден се состанал со претставниците на легитимната Влада, а во Сана со претставниците на Хусите. „Охрабрен сум што слушнав дека силно ги поддржуваат операциите за помош“, додаде тој.
Понатаму истакна дека од неговата последна посета на оваа земја, состојбата во Јемен е загрижувачки влошена. „Јемен се наоѓа на прагот на една голема катастрофа. Но сѐ уште не е многу доцна“, рече Ловкок.
Тој нагласи дека поради судирите во Јемен, само од јуни досега 500.000 лица го напуштиле градот Худејда, а според него, низ земјата се наоѓаат 2,3 раселени лица.
Изрази задоволство од тоа што претставниците и на Владата и на Хусите потврдиле оти ќе учествуваат на мировните преговори планирани да се одржат во Шведска под водство на специјалниот претставник на ОН за Јемен, Мартин Грифитс.
„Треба да заврши оваа војна. Јеменците имаат право на една посветла иднина“, додаде тој.
Според податоците на ОН, 400.000 деца во Јемен се соочуваат со опасност од глад, додека 22 милиони лица, односно три четвртини од населението на оваа земја има потреба од итна хуманитарна помош и заштита.