Michael Hernandez,Canberk Yüksel
18 Септември 2016•Ажурирај: 19 Септември 2016
ЊУЈОРК / ВАШИНГТОН (АА) - Ако Соединетите Американски Држави (САД) по грешка ги погодиле сириските владини трупи во воздушниот напад, ние жалиме поради тоа, особено за загубата на животи, соопшти вчера американски претставник за Аnadolu Agency (АА).
„Авион на коалицијата, кој изведувал мисија во подрачјето, мислел дека гаѓа цели на силите на ДАЕШ во близина на Деир ез-Зур”, изјави портпаролот на Пентагон, Питер Кук, во соопштение испратено до АА. Тој додаде дека САД продолжуваат да собираат информации за нападот во Сирија, кој предизвика лутина кај Русија и Сирија.
Најмалку 62 припадници на сириските сили загинаа, а речиси 100 беа повредени во текот на вчерашниот ден, за време на напад на коалицијата против ДАЕШ врз воена база во источниот дел на Сирија, изјави претходно руското Министерство за одбрана.
По состанокот на Советот за безбедност на ОН, кој го свика руската мисија во ОН како резултат на смртоносниот напад, американската амбасадорка во ОН, Саманта Пауер, ја обвини Русија за повлекување трик со свикување на состанокот.
„Дури и за руски стандарди вечерашниов трик, полн со морализам и претерување, е особено циничен и лицемерен”, им рече Пауер на новинарите.
Коментарите на Пауер уследија откако рускиот амбасадор во ОН, наводно, го осудил воздушниот напад во текот на затворениот состанок.
„Воздушните операции беа спроведени во близина на аеродромот Деир ез-Зур со помош на два авиони F-16 и две летала А-10 кои им припаѓаат на коалициските сили”, се вели во соопштението објавено на Фејсбук профилот на руското Министерство за одбрана.
Пентагон соопшти дека авион на коалицијата извршил воздушен напад јужно од Деир ез-Зур кој е запрен веднаш откако Русија ја информираше коалицијата предводена од САД дека е можно луѓето и возилата погодени во нападот да се дел од сириската војска.
„Коалиционите сили верувале дека гаѓаат борбени позиции на ДАЕШ кои тие ги следеле одреден подолг временски преиод пред нападот”, се вели во соопштението на Централната Команда.
Одделот за одбрана на Австралија потврди дека некои од нејзините авиони биле меѓу оние што учествувале во операцијата на коалицијата.
„Сирија останува динамична и комплексна средина за изведување операции, но Австралија никогаш намерно нема да земе за мета сириска воена единица или активно да го поддржува ДАЕШ”, се вели во соопштението.
Одделот упати сочувство до семејствата на сириските војници убиени или повредени во инцидентот.
Кризата се случи во време кога со посредство на Русија и САД е постигнат еднонеделен прекин на огнот за хуманитарна достава, и само на неколку дена пред годишниот самит на Генералното собрание на ОН.
САД и Русија, исто така, се согласија да формираат центар за заеднички операции со цел изведување на напади против фронтот Нусра доколку договорот за прекин на огнот издржи седум последователни дена.
Сè уште не е јасно дали нападот од саботата ќе има некакво влијание врз предлогот.