Tuğrul Çam
07 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
КОКС БАЗАР (АА) - Бегајќи од насилствата во Мјанмар, илјадници аракански муслимани (Рохинџа) избегаа во Бангладеш, каде што сместени во кампови, и во тешки животни услови чекаат светот да им подаде рака и да им помогне, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако пред две недели се интензивираа насилствата над муслиманите во Мјанмар, илјадници лица ги напуштија своите домови и избегаа во соседен Бангладеш, сместувајќи се во кампот Кутупалонг, кој се наоѓа во близина на градот Кокс Базар.
Во последните неколку дена се зголеми бројот на бегалците во Бангладеш, така што во кампот сега се наоѓаат повеќе од 120.000 аракански муслимани. Локалните хуманитарни работници изјавуваат дека бројот на бегалците достигнал 150.000.
Муслиманите кои ги напуштија своите домови за да преживеат, во кампот Кутупалонг престојуваат во тешки услови. Меѓународните организации, како што се Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), УНИЦЕФ, Меѓународната организација за миграција (ИОМ) и Светската програма за храна (ВФТ) продолжуваат со своите хуманитарни акции, но овие активности воопшто не се доволни.
Недоволната исхрана и тешкотиите во наоѓањето чиста вода во кампот лошо влијаат на децата и на старите лица. Недоволен е капацитетот на кампот, па илјадници лица ноќите ги минуват во импровизирани засолништа изработени од најлон, лим или бамбусова трска. Бидејќи речиси нема можност за кујни и тоалети, голема е загриженоста за потенцијалните здравствени проблеми со коишто можат да се соочат лицата кои престојуваат во нив.
- Со денови одат пеш за да стигнат во Бангладеш
Драмата на араканските муслимани започна пред две недели, кога под изговор за борба против милитантни групи, војската на Мјанмар изведе напади во Аракан. Од 25 август досега се убиени голем број аракански муслимани. Цел на нападите беа повеќе од 60 села, од кои поголемиот дел се запалени.
Не може да се утврди точниот број на убиените поради тоа што мјанмарската Влада не дозволува меѓународните организации да влезат во регионот. Граѓанските здруженија во Аракан соопштуваат дека бројот на загинатите е над илјада, а постојат и тврдења дека се убиени илјадници лица.
Поголемиот дел од араканските муслимани кои раговараа со новинарите на АА соопштија дека голем број од нивните најблиски се убиени или ранети во нападите на војската и милитантите во Мјанмар. Тие истакнаа дека за да ги спасат своите животи, избегале и ништо не понеле со себе.
- Речиси во секое семејство има некој убиен
Еден од бегалците од Мјанмар, Абул Калам, изјави дека пред два дена дошол во кампот заедно со семејството, додавајќи дека неговиот дедо загинал во напад на будистичките милитанти. Тој истакна дека во селата се запалени голем број куќи, а војската во нападот врз селото пукала од хеликоптер, при што загинале многумина. За да се спасат, Калам заедно со своите 6 деца и со сопругата избегал во Бангладеш. Бидејќи немаат каде да престојуваат, привремено се сместиле во едно училиште.
- „Од глад јадевме дрво од банана“
Друг бегалец од Аракан, Џамир Хусеин, рече дека по нападите, за да се спаси семејството тргнало на пат кон границата, до која дошле по речиси 8 дена одење пеш.
„Одејќи по патот не најдовме ништо за јадење, огледневме. Во шумата најдовме дрво банана, но без плодови. Јадевме парчиња од дрвото што можеа да се јадат. На тој начин успеавме да преживееме и да стигнеме во кампот“, раскажа Хусеин.
- Драмата на бремената Хасине
Во кампот Кутупалонг вниманието го привлекува фактот што во него поголем дел од бегалците се жени и деца. Многу жени изјавија дека нивните мажи се убиени или загинале во нападите, па тие со своите деца тргнале во бегство.
Една од нив е и бремената Хасина Беѓум, која со своите две деца е сместена во кампот. Хасина зборуваше со новинарот на АА за сето она што го преживеала. Вели дека нејзиниот сопруг загинал пред 10 дена, во напад на мјанмарската војска.
Беѓум раскажа дека по смртта на сопругот, со помош на соседите успеала да избега од нападите на војската и по цели 10 дена пешачење, пред 3 дена пристигнала во кампот Кутупалонг.
Таа се пожали дека животните услови во кампот се многу тешки и додаде: „Не можам да најдам доволно храна за моите две деца. Јадеме доколу храна ни даде локалното население. Ако никој не ни помогне, навечер легнуваме гладни“.