Ekip
14 Март 2018•Ажурирај: 15 Март 2018
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Тереза Меј, денес соопшти дека за обидот за убиство со труење на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка, била виновна руската држава, пренесува Anadolu Agency (AA).
Поради тоа Меј најави низа мерки против Русија меѓу кои и протерување на 23 руски дипломати, што е најголемо протерување уште од времето на Студената војна. Таа за време на обраќањето во Долниот дом на британскиот Парламент, додаде дека руските дипломати имаат рок од седум дена да ја напуштат Велика Британија.
Исто така, Меј изјави дека Велика Британија ги прекинува сите билатерални контакти на високо ниво со Русија, и најави воведување низа други економски и дипломатски мерки. Таа ги повика британските дипломати и членови на кралското семејство да не присуствуваат на Светското првенство во фудбал, кое ова лето ќе се одржи во Русија.
Британската премиерка пред два дена изјави дека поранешниот руски шпион Скрипал (66) и неговата ќерка Јулија (33) биле отруени со воен нервен агенс кој го развила Русија.
Британските лекари во неделата изјавија дека трагите на контаминација со нервен агенс, со кој се отруени поранешниот руски шпион и неговата ќерка, биле пронајдени во ресторан и во паб во Солсбери, каде што на 4 март биле Скрипал и ќерка му.
Британската полиција претходно соопшти дека случајот се истражува како обид за убиство. Скрипал и неговата ќерка се во болница и се во критична состојба. Скрипал во 2006 година беше осуден поради шпионажа за британската разузнавачка агенција MI6.
Беше осуден во Москва на 13 години затвор и ослободен во 2013 година, во американско-руска размена на шпиони.