Ivana Ramadanova
19 Август 2016•Ажурирај: 20 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија информира дека заклучно до 12 часот денеска, до нив биле пријавени вкупно 7.931 граѓани чиишто записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, односно има несовпаѓање на податоците, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од таму, од вкупно пријавените досега, 3.376 го направиле тоа во подрачните одделенија и канцеларии и во дополнителните канцеларии на ДИК, додека 4.555 ја искористиле веб-апликацијата на интернет-страницата на ДИК. Објавени беа имињата на 39.502 гласачи кои се сметаа за спорни во Избирачкиот список.
Пријавувањето на спорните гласачи почна на 26. јули. Тие имаа рок од 25 дена да се запишат на списокот на гласачи, а пријавувањето се врши електронски, преку специјална апликација на веб-страницата на ДИК или лично во подрачните единици на ДИК и во кацелариите на Управата за водење матични книги.
По истекот на рокот за пријавување на граѓаните, ДИК има на располагање 10 дена за да направи дополнителни контроли или лично да контактира со спорните гласачи. Ако не се пријават во предвидениот рок, спорните гласачи нема да бидат запишани во Избирачкиот список, но ќе добијат можност тоа да го направат за време на јавниот увид на списокот пред парламентарните избори.
Рокот за пријавување на спорните гласачи во канцелариите на ДИК истекува денеска во 19 часот, а електронската апликација ќе биде отворена до 24:00 часот.