Ivana Ramadanova
29 Март 2016•Ажурирај: 30 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија денеска на веб страницата го објави списокот со спорните гласачи во Избирачкиот список, кои се предмет на теренската проверка. На списокот се наоѓаат податоци на 89 366 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Ваквата одлука вчера донесе мнозинството членови во комисијата, според кои ќе се зголеми транспарентноста, додека дел од членовите оценија дека на овој начин се минира процесот на теренска проверка, бидејќи, како што образложија, се работи за доверливи информации.
Претходно, Државната изборна комисија, на барање на членовите на Комисијата за добивање на податоците, а во рамките на правото за вршењето на своите надлежности како членови на ДИК, им ги достави податоците. Според ДИК, првиот ден од проверката помина без посериозни проблеми и се очекува да заврши до 3 април.
Најмногу спорни гласачи во избирачкиот список има во Чаир - 17.041. Во записот за општина Чаир се водат податоци и за Бутел и Шуто Оризари. Потоа, повеќе од 11.000 спорни записи има во Куманово и Липковскиот регион, скоро 7.000 во општините Центар и Аеродром, во Карпош и Тетово над 6.000, близу 5.000 се Гостивар, а скоро 4000 во Битола.
Најбројна општина каде ќе се проверуваат сомнителните гласачи е Чаир, со Бутел и Шуто Оризари, вкупно 17. 000, а по неа Куманово со липковскиот регион 11.000. Од скопските општини најмногу записи има во Центар со Аеродром и Карпош, каде ќе се проверуват околу 6.000 записи. Теренската проверка, според најавите, треба да заврши до 3 април.