Besar Ademi
21 Ноември 2016•Ажурирај: 21 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Во центарот на Скопје, денеска напладне започна спроведувањето на проектот „Бегалец сега – човек секогаш“. Преку овој проект, низ неколку различни елементи поставени долж ул. „Македонија“ се објаснуваат тешкотиите на бегалците, со цел да се подигне свеста на јавноста за бегалците, нивните права и потреби, јавува Anadolu Agency (AA).
Проектот е на претставништвото на УНХЦР во Скопје, финансиран од Европската Унија (ЕУ), а го спроведуваат Центарот за човекови права и разрешување конфликти, во соработка со Центарот за истражување, образование и развој (Центарот РЕД – Скопје).
Претставникот на УНХЦР во Скопје, Мохамeд Ариф, вели дека овој проект има за цел бегалците и нивното наследство поблиску да ги претстави пред локалното население. Тој, исто така, изрази благодарност до Македонија, за која рече дека е држава што покажа солидарност кон луѓето што бегаат од војната.
„Нашata обврска е да му покажеме на светот дека бегалците се човечки суштества, исто како и ние. Тие имаат потреба од нивните основни права, а наша морална и етичка одговорност е да ги поддржуваме и да им помогнеме, бидејќи до вчера тие живееле нормален живот, но денес се бегалци, принудени да ги напуштат своите домови за си го спасат животот. Еден ден, секој може да стане бегалец. Ние треба да покажаме сочувство со нив“, изјави Ариф.
Во врска со повеќе од двестоте бегалци заглавени во прифатните центри на јужната и на северната граница на земјата, „Винојуг“ и „Табановце“, Ариф рече дека со Владата на Македонија, заедно работат за да се обезбеди алтернативно сместување каде што тие би можеле да го поминат зимскиот период.
„Сѐ додека бегалците се во оваа земја, со наша поддршка Владата има обврска да не ги остава бегалците во услови во коишто ќе доживеат страдања и маки“, рече Ариф.
Оваа инсталација ќе биде изложена пет дена, од 21 до 25 ноември, по што, од 27 ноември до 1 декември ќе продолжи и во Прилеп, Струмица и во Гостивар.