Ali Cura
05 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
КИЕВ (АА) - Поранешниот претседател на Грузија, Михаил Саакашвили, кому му е одземено украинското државјанство, беше приведен во Киев, главниот град на Украина, јавува Anadolu Agency (AA).
Безбедносните сили утрово изведоа рација во станот во којшто престојува Саакашвили.
За време на рацијата, Саакашвили се качи на покривот од осумкатницата во којашто живееше, расправајќи се подолго време со претставниците на безбедносните сили. Тој дојде до работ на повеќекатницата и се закани дека доколку му се доближат, ќе скокне од зградата.
Саакашвили упати критики за претседателот на Украина, Петро Порошенко, по што исчезна од видикот.
Пред зградата се собраа симпатизери на Саакашвили, а безбедносните сили не им дозолија на неговите адвокати да стигнат до својот клиент.
Пред зградата, полицијата презеде силни безбедносни мерки, при што дојде до расправија меѓу полицијата и симпатизерите на Саакашвили.
Подоцна Саакашвили беше приведен, по што под голема полициска заштита е извлечен од зградата до полициското возило. Можеше да се забележи дека Саакашвили им се спротивставува на полициските припадници.
Претседателот на Украина, Порошенко, во мај 2015 година, на поранешниот претседател на Грузија, Саакашвили, му даде украинско државјанство. Саакашвили беше назначен на должност гувернер на Одеса, но во 2016 година поднесе оставка и ја создаде и ја предводеше организацијата „Движење на новите сили“, и премина во опозиција.
Во јули 2017 година, додека Саакашвили престојуваше во САД, претседателот на Украина, Петро Порошенко потпиша декларација со којашто му се одзема украинското државјанство на Саакашвили.
Со поддршка на опозицијата, Саакашвили успеа да влезе во Украина преку Полска, без пасошка контрола. Поддржувачите на Саакашвили од 17 октомври наваму, пред украинскиот Парламент држат протести.
Освен тоа, обвинителството на Грузија до Украина испрати барање за приведување на Саакашвили и негова испорака.
На 4 декември 2015 година, на Саакашвили му беше одземено државјанството на Грузија, а од 2013 година досега, тој се нема вратено во својата земја.