Diyar Güldoğan
05 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Руското Министерство за правда денес класифицираше девет медиуми како странски агенти, вклучувајќи го и „Гласот на Америка“ (Voice of America), јавува Anadolu Agency (AA).
Освен „Voice of America“, како што соопшти министерството, на листата на медиуми што вршат функција на странски агент се наоѓаат и Радио Слободна Европа (Radio Free Europe / Radio Liberty), како и седум други, меѓу кои „Current Time TV“, „Azatliq Radiosi“, „Sibir.Realii“, „Idel.Realii“, „Kavkaz.Realii“, „Kyrm.Realii“ и „factograph.info“.
Овој потег дојде откако рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со којшто му наложи на надлежниот министер да се класифицираат медимите под тој назив.
На новинарите кои работат во наведените медиумски куќи може да им биде забранет влез во државната Дума, Долниот дом на рускиот Парламент. Минатата недела, Москва им забрани на сите американски медиуми пристап до Думата.
Министерството за правда на САД на 13 ноември ја стави телевизијата „РТ Америка“ (RT America) на списокот на странски агенти според Законот за странски агенции од 1938 година, за рускиот претседател Владимир Путин на 25 ноември да одговори со иста мерка и прогласи закон кој овозможува секој меѓународен медиум кој дејствува во Русија да се класифицира под контроверзен назив.