Ivana Ramadanova
27 Мај 2016•Ажурирано: 28 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Директорот на директоратот за проширување на ЕК, Кристиан Даниелсон кој денеска е во посета на Скопје со цел да ја оцени „посветеноста на европската агенда“ на Македонија, изјави дека политичките лидери мора во целост да го почитуваат политичкиот договор од Пржино и основните принципи на Договорот, јавува Anadolu Agency (AA).
Даниелсон на средбите кои ги имал со политичките лидери, Специјалното јавно обвинителство, граѓанското општество и со амбасадорите од земјите членки на ЕУ, порачал дека овде спаѓаат владеењето на правото, одговорност, инклузивност и кредибилни избори и дека оваа рамка останува клучна за решавање на политичката криза.
Европскиот претставник, повтори дека е императив да се повлече аболицијата од претседателот. Тој истакна дека земја кандидат за влез во ЕУ мора да нуди еднаков третман пред законот за сите, како и одговорност за тие што го прекршиле. Според него, изгласаниот закон ги крши овие начела и изрази загриженост дека не се преземени конкретни чекори. Даниелсон порача дека не смее да има незаконитост и селективна правда.
Тој бара на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и на нејзиниот тим да им се дозволи да ја работат својата работа, како клучен елемент за враќање на довербата во владеењето на правото и судскиот систем.
„Ова е од огромно значење за да се обезбеди одговорност и да се врати довербата во владеењето на правото за граѓаните да му веруваат на судскиот систем", рече Даниелсон, изразувајќи загриженост за поткопувањето на работата на СЈО.
Даниелсон истакна дека политичките сили во земјата сега имаат можност да ги имплементираат особено неопходните реформи и да се договорат за кредибилни избори што е можно побрзо.
„Реформите мора да се спроведат на инклузивен начин. Итните реформски приоритети кои политичките лидери минатата година ветија дека ќе ги имплементираат, мора да мрднат од мртва точка", рече Даниелсон.
Тој исто така потенцирaше дека на Македонија и е потребен инклузивен дијалог во кој ќе бидат вклучени сите сегменти од општеството, а воедно ги поздрави и ги поддржа мирните напори на граѓанските организации за обезбедување на неопходни корективни мерки на власта.