Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
30 Март 2018•Ажурирај: 01 Април 2018
ИДЛИБ (АА) - Деветтиот евакуациски конвој што пренесува луѓе од Источна Гута, која е под опсада на припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите поддржувачи, пристигна во Хама, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерите од теренот јавуваат дека продолжува евакуацијата од Ирбин, Замалка и Еин Тарма, кои припаѓаат на Источна Гута.
Деветтиот конвој со 3.390 лица во 66 автобуси во утринските часови пристигна во Хама. Меѓу евакуираните се наоѓаат болни и ранети, но и припадниици на опозицијата.
Конвојот би требало да тргне кон привремените прифатни центри во Идлиб и на периферијата на Алепо. Сепак, поради недостиг на капацитетот за сместување во прифатните центри, дел од цивилите се принудени да бараат сместување во училиштата и џамиите.
Бројот на луѓе, кои за време на присилните евакуации започнати минатата недела ја напуштија Источна Гута, изнесува најмалку 33.000.
Истовремено, десеттиот конвој составен од 69 автобуси што пренесуваат 3.600 лица ја напушти Источна Гута. Се очекува овој конвој во Хама да пристигне во попладневните часови.
Првите два конвои евакуираа луѓе од Хараста, а потоа започнаа евакуациите од Ирбин, Замалка и Еин Тарма.
Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите поддржувачи, со поддршка на Русија, на 19 февруари започнаа акција за окупација на Источна Гута, која е контролирана од опозицијата.
Оттогаш се извршени бројни напади на подрачјето на кое живеат околу 400.000 цивили. Многу цивили беа убиени, а честите интензивни напади ги принудија цивилите да бараат заштита во засолништата и подрумите.