Yusuf Hatip
11 Јули 2018•Ажурирај: 12 Јули 2018
БРИСЕЛ (АА) - На првиот ден од Самитот на НАТО, што се одржува во Брисел, усвоена e завршната декларација во која се наведува дека Алијансата продолжува да ја следи заканата од балистички проектили од Сирија кон Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние ќе продолжиме да ги следиме заканите од балистичките проектили од Сирија“, се вели во декларацијата и се потсетува дека Сирија поседува значителен арсенал ракети со краток дострел што може да стигнат до поедини области и партнери на НАТО.
„Сирија во голема мера користи вакви ракети против своите жители. Изразуваме загриженост, откако Турција во последните четири години, три пати беше цел на ракети лансирани од Сирија", се наведува во официјалната декларација.
НАТО, исто така, вети дека ќе ѝ обезбеди на Турција „безбедносни мерки“ со цел да ја зајакне безбедноста на целата Алијанса.
„Ќе бидат целосно спроведени соодветни безбедносни мерки за Турција, за да одговори на зголемените безбедносни предизвици од југ, мерки кои придонесуваат и за безбедноста на Алијансата како целина“, се додава во Декларацијата на НАТО.
Исто така се наведува дека НАТО ги прошири можностите на Силите за брза реакција на НАТО.
„Го зголемивме капацитетот на Силите за брза реакција на НАТО, а заедничките НАТО сили се подготвени да делуваат во многу краток временски рок“, се наведува.
Во новоотвореното седиште на Северноатлантскиот сојуз (НАТО) во Брисел денеска започна дводневен самит на лидерите на таа организација.
Домаќинот на Самитот, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се сретна со лидерите на 29 земји-членки, вклучувајќи го и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на САД, Доналд Трамп и шефиците на владите на Велика Британија и Германија, Тереза Меј и Ангела Меркел.