Ivana Ramadanova
15 Мај 2017•Ажурирај: 15 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес истекува мандатот на градоначалниците и општинските советници во локалната самоуправа во Македонија, откако претходно беа исцрпени сите можности и услови за продолжување на мандатот, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, за денес има закажано состанок со претставниците на пратеничките групи кои треба да се договорат за законски измени за евентуално продолжување на нивниот мандат и за распишување на локалните избори.
Доколку не биде донесено некакво решение со законско покритие за продолжување на мандатите на градоначалниците, локалната самоуправа ќе остане нефункционална.
На 10 мај Уставниот суд на Република Македонија едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на иницијативите за укинување на два члена од Законот за локална самоуправа и од Изборниот закон, со што ќе се овозможеше градоначалниците и советниците да останат на своите функции до одржувањето на локалните избори.
Пред неколку денови, Здружението на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) побара од Собранието да донесе одлука за продолжување на мандатите на градоначалниците и советниците, бидејќи, како што рекоа, ако не биде најдено соодветно решение, на граѓаните ќе им бидат скратени сите услуги кои ги добиваат од локалната власт, нема да бидат исплаќани платите во институциите кои се под општинска надлежност, ќе престане реализацијата на инфраструктурните проекти, додека јавниот превоз нема да биде во можност да работи.