Besar Ademi
30 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) го заврши процесот на пребројување на гласовите на целата територија на Македонија, по двата круга од шестите локални избори во Македонија, првиот одржан на 15 октомври, а вториот круг вчера, на 29 октомври, јавува Anadolu Agency (АА).
Според резултатите на ДИК по двата круга на локалните избори во Македонија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ќе раководи со Скопје и со 56 општини, Демократската унија за интеграција (ДУИ) во 10 општини, ВМРО-ДПМНЕ во 5, Алијансата на Албанците во 3, БЕСА, Демократската партија на Албанците (ДПА) и Демократската партија на Турците (ТДП) во по една општина, а со три општини раководат кандидатите предложени од група избирачи.
Во првиот круг од локалните избори, од вкупно 1.814.644 регистрирани гласачи во Избирачкиот список, правото на глас го искористија 1.079.876 граѓани, или 59,51 отсто. Тогаш беа избрани градоначалници на 45 општини и советите на општините во градот Скопје во вкупно 80 општини во земјата.
Во вториот круг на овие локални избори, од вкупно 833.710 регистрирани гласачи во Избирачкиот список, правото на глас го искористија 432.866 граѓани, или 51,92 процента, кои избраа нови претседатели во 35 општини во земјата, кои ќе раководат во следните четири години.
Победникот на овие избори, претседателот на владејачката партија СДСМ, Зоран Заев, по затворањето на избирачките места истакна дека овие избори се голема победа за сите граѓани на Македонија, и додаде дека изборите беа фер, демократски и регуларни.
Исто така, оцената на ДУИ, која е дел од владината коалицијата предводена од СДСМ, беше дека изборите беа демократски, а граѓаните слободно ја изразија својата волја. Шефот на изборниот штаб на оваа партија, Арбр Адеми, по затворањето на избирачките места изјави дека „Владата на Македонија покажа демократски капацитети за организирање демократски избори“.
- Опозицијата не го признава изборниот процес и неговите резултати -
Претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, соопшти дека неговата партија не ги прифаќа резултатите од локалните избори во Македонија. Овие избори, според него, се нерегуларни со „бројни притисоци, закани и уцени на гласачите“. Тој побара да се одржат предвремени парламентарни избори кои би биле спроведени од техничка влада.
Од друга страна, и движењето БЕСА обвини за низа неправилности во текот на гласањето за вториот круг од локалните избори, кое, според нив, се одвивало во тензична атмосфера.
Ова беа шестите локални избори во Република Македонија по нејзиното осамостојување – првите се одржаа во 1996 година, потоа во 2000, во 2005, 2009 и во 2013 година.