Besar Ademi
30 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ / ОДИХР во Македонија, Одри Гловер, на прес-конференција што се одржа во Скопје истакна дека вториот круг од локалните избори во Македонија беше „конкурентен и почитувањето на основните слободи придонесе за одржување демократски избори“, јавува агенцијата Anadolu Agency (АА).
Во прелиминарната оцена на процесот на локалните избори, Гловер истакна дека општо, денот на изборите беше воден професионално, иако, како што рече таа, работата на членовите на изборните совети за време на пребројувањето на гласовите можела да биде подобра.
Коментирајќи ја изборната кампања за вториот круг, која започна на 16 октомври, а заврши на полноќ на 27 октомври, таа рече: „Забележавме дека за време кампањата најмногу се обидуваа да стигнат до гласачите по етнички линии. Изборните учесници беа во можност слободно да спроведат кампања и слободата на изразување беше почитувана. Сепак, политички мотивирани инциденти и обвинувања околу почитувањето на правилата беа присутни“.
Мисјата на ОБСЕ/ОДИХР, како што рече Гловер, неколкупати забележала специфични обвинувања, како што се притисок врз гласачите, заплашување и купување гласови од различни политички партии.
Инаку, Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија започна на 13 септември. За вториот круг од локалните избори, во мисијата учествуваа 17 експерти во главниот град,17 долгорочни набљудувачи и 88 краткорочни набљудувачи распоредени низ целата земја. На денот на изборите беа распоредени 126 набљудувачи од 25 земји од ОБСЕ.