ЊУЈОРК (АА) - Илјадници лица по падот на легитимно избраната египетска влада со воен пуч во 2013 година, беа принудени да ја напуштат нивната земја за нивните животи и идеали. Овие лица од тој ден живеат во тага поради своите блиски кои ги загубија во масакрите, како и со копнежот кон нивната земја.
Армијата на Египет под водство на тогашниот началник на Генералштабот, Абдулфетах ес-Сиси, на 3 јуни 2013 година го презеде управувањето со земјата, и го разреши од функција првиот демоктратски избран претседател на земјата, Мухамед Мурси.
Мирните протести против воениот пуч одржани на плоштадите Рабија-тул Адевије и Нахда во главниот град, Каиро, на кои учествуваа милиони демонстранти, а траеја 48 дена, на 14 август 2013 година беа изложени на крвави интервенции од страна на безбедносните сили. Според податоците Муслиманското братство (Ихван), во овие масакри загинаа 2.600, а повредени се 7.000 лица.

Седумнаесетгодишната Есма Билтаџи, ќерка на генералниот секретар на Партијата за слобода и правда (ПСП), политичко крило на „Ихван“, д-р Мухаммед Билтаџи, беше меѓу убиените од страна на снајперистите.
Како резултат на масакрот на плоштадот Рабиа, и извршените притисоци по настанот, илјадници Египќани, претежно припадници на Муслиманското братство, беа принудени да ја напуштат земјата.
Фоторепортерот на Anadolu Agency (AA), Мухамед Елшами, кој и самиот е Египќанец, во рамките на проектот кој го реализираше во времетраење од над една година, ги фотографираше Египќаните кои живеат во различни земји, и ги слушна нивните приказни.
Египќаните, меѓу кои политичари, лекари, новинар и академци, кои по воениот пуч биле принудени да ја напуштат земјата поради нивните животи и идеали, со АА ги споделија тешкотиите со кои се соочиле, како и копнежот по нивната таковина.
- „Мојата ќерка се жртвуваше себеси за да има победа, достоинство и благосостојба во земјата“ -
Сена Билтаџи, мајка на 17-годишната Есма убиена на плоштадот Рабиа, сопруга на еден од лидерите на Муслиманското братство, д-р Мухамед Билтаџи кој сѐ уште се наоѓа во затвор, била принудена да дојде во Истанбул. Таа се наоѓа меѓу лицата кои ја напуштиле својата земја, оставајќи го зад себе сето она што го имале, вклучувајќи ги и своите сакани.

„Не беше лесна одлуката да ја напуштам мојата татковина во којашто сум родена и порасната. Беше многу тешко да го оставам мојот сопруг, Мухамед Билтаџи, кој е притворен во еден воен затвор. Тешко е што сум далеку од мојот син, кој е притворен за кривично дело што не го сторил“, истакна Билтаџи.
Билтаџи пренесе дека тешко ѝ бил да ги остави револуционерите со кои живеела заедно од револуцијата на 25 јануари, денот кога беше соборена 30-годишната власт на Хосни Мубарак. „Мојата ќерка се жртвуваше себеси за да има победа, достоинство и благосостојба во земјата“, кажа таа во врска со нејзината ќерка, Есма.
Нагласи дека администрацијата на Сиси која делува со одмазда, не оставила член од нејзиното семејство, и додаде:
„Откако беше приведен мојот син Енес, беше донесена одлука за апсење во врска со мене. Веднаш потоа двапати го приведоа мојот 17-годишен син. Халид. Тој со денови беше задржан во притвор, над кого вршеја физичка и психичка тортура. По неколку дена го видовме на суд. Таму му беше изречена затворска казна од две години само поради тоа што е син на д-р Билтаџи. Исто така, се бореа да го стават в затвор мојот 13-годишен син, Хусам. Поради сите овие причини бев принудена да ја напуштам мојата земја“.
- „Нема да се двоумиме да се жртвуваме себеси за Бога“ -
Иман Махмуд Мухамед Џума којашто живее во Судан, мајка на фотографот Мусаб Елшами кој го загуби животот во масакрот на Рабиа, го раскажа процесот до Јануарската револуција, како и притисоците со кои се соочиле по овој случај.
„Сонувавме за промена. Имавме сон за слобода и достоинство, и најдовме можност да го реализираме тој сон“, вели Џума.
Таа пренесе дека по државниот удар, нејзиниот син донел одлука да не го напушти плоштадот Рабиа, и додаде: „Тој сакаше да се врати од тој плоштад како победник, или како загинат херој. Се плашев дека во случај да го напушти плоштадот, ќе биде притворен, но не можев да го спречам“.
Џума вели дека во текот на протестот била во контакт со нејзиниот син:
„Тој ден, на 13 август 2013 година, повторно зборував со Мусаб на телефон. Разговаравме насмеани, и во тој момент дознавме дека протестот на Рабиа бил растеран, дознавме и за првата жртва. Иако го прашав 'Мусаб, дали вестите се точни?', не добив одговор. Неговиот брат, Мухамед, и јас, излеговме од дома за да учествуваме на протестот на Рабиа, и да упатиме порака до египетскиот народ. Бевме сведоци како Египќаните се движеа по улиците како живи мртовци, други беа многу исплашени, а трету пак беа многу груби. Единствено што сакаа да прават беше озборување и ширење на лаги. Нас нѐ гледаа како да бевме дојдени од некоја друга планета.
Во тој момент се прашував: 'Кои се овие луѓе? Дали ние цел живот сме живееле со овие луѓе?'. Повеќепати се обидовме да зборуваме со нив, но не успеавме. Потоа стигнавме на Рабиа, чекавме да се донесе некоја одлука. Или ќе одржевме нов протест со седење, или ќе го напуштевме местото. Одеднаш ме побара Мусаб на телефон. Одговорив, и еден непознат глас ми рече дека телефонот го нашол на земја, и не знаел на кого му припаѓа. Чувствував дека ова е една порака за мене, затоа му реков на неговиот брат да оди по телефонот. За кратко дознав дека Мусаб тој ден бил убиен заедно со голем број млади луѓе. Борејќи се за правдата, Мусаб беше почесен со чест и благодат. Тој беше свесен дека се врши агресија врз религијата, и дека треба да се жртвува“.
- „Тој чезнееше да биде шехид, и Бог му го подари тоа“ -
„Мусаб беше многу скапоцен за мене, но Бог беше поскапоцен. Нема да се двоумиме да се жртвуваме себеси за Бога. Тој чезнееше да биде шехид, и Бог му го подари тоа“, рече Џума, истакнувајќи дека секогаш се моли за нејзиниот син. Таа додаде дека се надева оти крвта на нејзиниот син протекла за слободата на нејзината татковина.

Џума истакна дека организирале погребна церемонија за Мусаб во Александрија. „Откако го измивме неговото тело, забележав насмевка на неговото лице. Наликуваше на бебе кое спие. Како ангел да му зборува за рајот. Изгледаше како да нѐ слуша и гледа. Иако крвареше, тој мирисаше многу убаво“, истакна Џума.
Таа нагласи дека, и покрај сите овие случувања, тие не се каат. „Покрај сите овие случување ниту јас, ниту некој од семејството не чувствуваме каење. Ние велиме дека Бог е со нас“, додаде Џума.