Fatih Hafız Mehmet,Satuk Buğra Kutlugün
26 Април 2017•Ажурирај: 26 Април 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, остро ја осуди вчерашната одлука на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за ставање на Турција на листа за посебен политички мониторинг и порача дека Турција не ја признава таа одлука, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за новинската агенција „Reuters“ (Ројтерс), турскиот претседател Ердоган изјави дека Турција е подготвена да ја ревидира својата позиција во врска со прашањето за интеграција во ЕУ. Европскиот парламент на денешната седница ќе го разгледува прашањето на односите со Турција.
Турција не се откажа од процесот на приклучување кон ЕУ, но процесот моментално е во застој и турскиот претседател не ја исклучи можноста продолжувањето на процесот да го постави како референдумско прашање пред граѓаните.
„Мораме да најдеме решение ако тие не се однесуваат искрено. Зошто би чекале уште? Чекаме веќе 54 години и во текот на тие години ЕУ никогаш не одржа ниту едно ветување дадено на Турција, и не беше искрена во процесот“, изјави Ердоган.
Ердоган потсети дека едно од тие ветувања се и шесте милијарди евра што ЕУ ѝ ги вети на Турција за потребите за згрижување на бегалците, и рече дека Турција троши милијарди евра за згрижените три милиони бегалци, а ЕУ досега дала само 725 милиони.
„Ситуацијата во Европа е многу сериозна поради растечката исламофобија. Европската Унија ја затвора својата врата за Турција, а Турција својата врата никому не ја затвора“, порача Ердоган.
Нагласувајќи дека не ја исклучува можноста за распишување референдум во Турција во врска со продолжувањето на процесот за приклучување кон Унијата, Ердоган изјави дека тоа веќе го сторила Велика Британија и со мирна совест тргнала во нова иднина.
„Сличен референдум за приклучување кон ЕУ одржа и Норвешка, а такво нешто мора да биде организирано и во Турција“, изјави Ердоган и додаде дека ЕУ веќе влегла во процесот на распаѓање,
Ердоган нагласи дека една или две земји не можат Унијата да ја „држат во живот“, и рече дека на Унијата ѝ е потребна нова сила како Турција.
„Меѓутоа, изгледа дека членките на ЕУ не се свесни за тие факти. Ним им е исклучително тешко да прифатат муслиманска земја како што е Турција“, изјави Ердоган.
Вчера ПССЕ донесе одлука за ставање на Турција под мониторинг, за да ја надгледува работата на нејзините демократски институции, а главната причина за таквиот потег е вонредната состојба во Турција и суспендирањето на голем број јавни службеници.
Ердоган изјави дека вонредната состојба и суспензиите во јавните институции се дел од опсежната борба против терористичката организација ФЕТО, која во јули минатата година изврши неуспешен обид за државен удар. За време на тој обид, убиени се најмалку 249 лица, а обидот за воен удар е дело на терористите на ФЕТО претходно инфилтрирани во државните институции, вклучувајќи ги и безбедносните сили на таа земја.
„Тоа е целосно политичка одлука што Турција нема да ја признае“, порача Ердоган и додаде дека и во Франција година и пол е на сила вонредната состојба и оти првиот круг на претседателските избори е одржан во таква ситуација.
Турција вчера изврши низа воздушни напади на позициите на терористичката организација ПКК во подрачјето на планината Синџар во Ирак и на планината Караџок во Сирија. Во тие напади се убиени најмалку 70 терористи.
Ердоган изјави дека Турција за нападот претходно ги известила локалните влади, како и САД и Русија.
„Жал ни е што во тие напади загинаа петмина или шестмина припадници на курдските сили пешмерги. Турската воена операција не е против пешмергите, туку против терористите на ПКК. На ирачката планина Синџар дејствуваат повеќе од 2.000 терористи и неприфатливо е тоа да стане база на ПКК“, изјави Ердоган.