Enes Kaplan,Mümin Altaş
12 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
ЕРЗУРУМ (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека турските безбедносни сили во изминатите 20 месеци неутрализираа повеќе од десет илјади терористи на ПКК и порача дека нема да се запре тука, туку дека ќе продолжи решителната борба против сите кои го загрозуваат единството и стабилноста на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на предреферендумската кампања платформата за поддршка на уставните реформи во Турција денеска организираше собир на градскиот плоштад во Ерзурум, а на присутните им се обрати и претседателот Ердоган кој изрази верба дека граѓаните од тој град во голема мерка ќе го поддржат предлогот за воведување на претседателскиот систем во Турција.
„Референдумот на 16. април ќе биде клуч на победата над тероризмот во оваа земја", порача Ердоган и додаде дека народот на Турција покажа храброст и решителност во борбата против тероризмот кога застана пред пучистите и предавниците на ФЕТО кои во јули минатата година изведоа неуспешен обид за воен удар.
Истакнувајќи дека при доаѓањето од аеродромот на централниот градски плоштад видел полни улици со луѓе кои го дочекале, претседателот Ердоган рече дека во тој град е потребен поубав и поголем градски плоштад. Додаде дека градоначалникот Мехмет Шекмен му ветил дека наскоро ќе изгради плоштад со капацитет од 250 илјади луѓе.
Ердоган рече дека предложените уставни реформи значат воведување на постабилен и поефикасен модел на власт во Турција кој ќе претставува најголем степен на демократија.
Истакнувајќи дека на реформите се противат терористите на ПКК, ФЕТО и сите западни непријатели на Турција, Ердоган порача дека Турција никој од нив нема да може да ја отргне од патот на прогресот и дека народот на Турција тоа ќе го порача гласно на бирачките места на 16. април.