İlkay Guder
12 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
АНКАРА (АА) - Гласноговoрникот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, во својот напис за весникот „Daily Sabah“ („Дејли сабах“), насловен „Со или без хемиско, Сирија умира“, вели дека пред очите на целиот свет, режимот на Асад не само со хемиско оружје, туку и со конвенционални оружја прави масакр, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин во својот напис потсетува на изјавата на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Барак Обама, кој во својот говор го предупреди режимот со зборовите: „Цел свет ве гледа“, и (Калин) истакна: „Режимот на Асад, кој виде дека светот само го набљудува неговиот масакр, продолжи со своето варварство“.
Посочувајќи на извештајот објавен во февруари од страна на „Amnesty International“ („Амнести интернешенал“), Калин истакна дека најмалку 300.000 лица загинале до крајот на 2016 година во Сирија, но вистинската бројка на лицата кои се убиени од страна на режимот на Асад е 600.000.
- „Овој чекор нема да биде доволен за да се заштити сирискиот народ“ -
Калин посочи дека одговорот на САД на нападот со хемиско оружје е вистински чекор, и додаде: „Кога се земаат предвид злосторствата извршени со конвенционални оружја, како и големината на хуманитарната криза, тогаш овој чекор нема да биде доволен за да се заштити сирискиот народ“.
Калин во својот напис наведува:
„Нема лесно решение за кризата во Сирија. Оние што го поддржуваат режимот нема да ја прекинат својата поддршка само поради бомбардирањето на воздухопловната база од страна на САД, ниту Асад нема да ги земе предвид апелите за да се откаже од власта. Според неговите пресметки, поддршката што му ја даваат Русија, Иран и Хезболах, како и нестабилноста и слабоста на меѓународната коалиција, го прават победник во војната. Покрај тоа, користејќи го ДЕАШ, има можност да го прикаже режимот како добар меѓу лошите".
„Доколку апелот на Турција за формирање безбедна зона во Сирија не беше игнориран од двете страни на Атлантскиот Океан, во последните 3 години, ќе можевме да им ги спасиме животите на илјадници луѓе и ќе беа спречени нападите со хемиско оружје. Нема сомнеж дека ДЕАШ е терористичка организација со која треба да се војува и која треба да се уништи. Но, игнорирањето на режимот на Асад и злосторствата што се извршени од страна на режимот се морален скандал и политичка катастрофа“, истакнува Калин.