Aynur Ekiz
07 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека Турција засекогаш го затворила поглавјето на задолжување кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган говореше на затворањето на состанокот на претставниците на Партијата за правда и развој (AK Parti) од сите делови на Турција, на кој се осврна и на турската економија.
„Турција денес е многу далеку од тоа да ѝ е потребен кредит или техничка помош од ММФ“, рече Ердоган, додавајќи: „Турција засекогаш го затвори поглавјето на задолжување кај ММФ“.
Ердоган говореше и за случајот на исчезнатиот новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, кому од 2 октомври му се губи секаква трага по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
„Се следат влезовите и излезите од конзулатот, сакаме резултати во најкус можен рок“, наведе Ердоган, и додаде дека очекувањата се оптимистични, и дека се надева оти нема да дојде до несакани ситуации.
„Како претседател на државата го следам овој случај, а резултатите што ќе ги добиеме од истрагата ќе му ги соопштиме на целиот свет“, порача Ердоган.
Кашуги исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Тој е познат како критичар на политиката која ја води актуелната власт на Саудиска Арабија.
Во Турција е започната истрага за неговото исчезнување, а репортер на агенцијата „Ројтерс“ (Reuters) вчера јави дека Кашоги е убиен во Конзулатот по неколкудневното заложнишво.
Кашуги во Конзулатот влегол за да ги добие потребните документи за венчавање, а неговата вереница вчера кажа дека турската полиција внимателно ги надгледува сите влезови и излези на Конзулатот од моментот на неговото влегување.
Турската полиција го истражува случајот, а вчера соопшти дека 15 саудиски државјани и функционери со два авионски лета допатувале во Истанбул и го посетиле саудискиот Конзулат од исчезнувањето на новинарот Кашуги.