Nilay Kar
31 Декември 2018•Ажурирај: 31 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска упати честитки по повод Новата година до светските лидери, меѓу кои и до американскиот и рускиот претседател, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писмото до американскиот претседател Доналд Трамп, Ердоган ја опиша 2018 година како година во која Турција и Соединетите Американски Држави (САД) ги надминаа тешкотиите меѓу двете земји и ги нагласи заеднички вложените напори за донесувањето на билатералните односи на посакуваното ниво.
Нарекувајќи го Трамп драг пријател, Ердоган истакнува: „Верувам дека ќе ги интензивираме нашите билатерални односи базирани на заемно почитување и искрен дијалог до нивото што го изискува нашето стратешко партнерство и дека иднината на нашата соработка ќе биде посветла.“
Тој, исто така, изрази уверување дека соработката меѓу Турција и САД ќе продолжи да дава придонес кон глобалниот мир и стабилноста.
Турскиот претседател упати писмо со честитки и до својот руски колега, Владимир Путин. Во него Ердоган го истакнува значењето на билатералните односи, изразувајќи го своето очекување дека односите меѓу Турција и Русија ќе продолжат да се подобруваат и во следната година.
Ердоган упати честитки по повод Нова година и до другите светски лидери, меѓу кои и до францускиот претседател Емануел Макрон, кинескиот претседател Си Ѓинпинг, британската премиерка Тереза Меј и индискиот премиер Нарендра Моди.
Турскиот претседател во своето новогодишно писмо до Макрон истакнува дека верува оти односите меѓу Турција и Франција дополнително ќе се подобрат во 2019 година преку заеднички напори.
Изразувајќи благодарност за зајакнувањето на односите со Кина, Ердоган изрази уверување дека соработката меѓу двете земји ќе биде посветла следната година.
„Со цел да го загарантираме продолжувањето на нашата соработка [...], би ми било мило да ни бидете гостин во нашата земја во 2019 година“, рече Ердоган, мислејќи на Си Ѓинпинг.
„2018 година беше година кога соработката и заемните напори меѓу Турција и Велика Британија дополнително се подобрија“, напиша Ердоган во писмото до британската премиерка Тереза Меј.
„Верувам дека ќе ги интензивираме нашите билатерални односи базирани на меѓусебно почитување и искрен дијалог на повисоко ниво, и верувам дека иднината на нашата соработка ќе биде посветла“, истакнува Ердоган.
Тој нагласува дека односите меѓу двете земји ќе продолжат да придонесуваат кон мирот и стабилноста на Европа и пошироко.
Во писмото до индискиот премиер Моди, Ердоган вели: „Ги чувам спомените од мојата посета на вашата прекрасна земја со сета своја свежина.“
Турскиот претседател истакнува дека верува оти двете земји ќе ги подобрат длабоко вкоренетите пријателски врски.