Merve Aydoğan
18 Февруари 2018•Ажурирај: 19 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, најави продолжување на одлучувачката борба против тероризмот и сите терористички групи кои се закана за Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ќе ги отвораме и понатаму нашите срца и нашите раце на сите кои ни покажат пријателство. Ќе ги газиме сите оние кои кон нас негуваат непријателство и се закануваат да ја загрозат нашата насока и слобода“, изјави Eрдоган во Анкара на редовниот регионален Конгрес на турската владејачка Партија на правдата и развојот (AK Parti).
Ердоган истакна дека Турција ќе продолжи со одлучната борба против сите терористички групи кои ја загрозуваат Турција, без оглед на нивното име и големина.
Посочувајќи дека турските сили почнале да ги погребуваат терористите, вклучувајќи ги и неутрализираните во тековната операција „Маслинова гранка“ во сирискиот Aфрин, Ердоган најави продолжување на антитерористичката борба.
Тој порача дека сите терористи ќе бидат погребани или ќе го закопаат оружјето и ќе отидат кај оние кои им ги шират рацете.
„Ниту една одлука која се однесува на кое било прашање во нашиот регион не може да биде донесена доколку Турција не е вклучена во процесот“, порача турскиот претседател Ердоган.
Турските вооружени сили и Слободната војска на Сирија, од 20 јануари ја спроведуваат операцијата „Маслинова гранка“ со цел расчистување на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ од Африн. Досега се неутрализирани 1.614 терористи.
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите на режимот на Асад во јули 2012 година, без борба, на терористите на ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
Терористите на ПЈД/ПКК под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8.000 и 10.000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. ПКК уште од средината на 1980-тите години води терористичка кампања против Турција.