Ata Ufuk Şeker
03 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
БРИСЕЛ (АА) – „Промената на тонот на дискусијата е позитивен чекор, но Италија треба да направи значителни промени во буџетот за 2019 година“, истакна Валдис Домбровскис, заменик-претседателот на Комисијата на Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Домбровскис одговараше на новинарски прашања пред состанокот на Еврогрупата, кој се одржува во Брисел. На состанокот учествуваат министрите за финансии од 19 земји членки на Европската Унија (ЕУ) коишто го користат еврото како валута.
Тој истакна дека во однос на буџетот на Италија за 2019 година, помеѓу претставниците на ЕУ и италијанските официјални претставници продолжуваат интензивните преговори.
Заменик-претседателот на Комисијата на ЕУ, исто така, изјави дека на состанокот земјите од еврозоната ќе разговараат за генералниот буџет во 2019 година, економските услови и финансиските позиции на земјите членки.
- Дискусија за буџетот -
Според нацрт-буџетот што италијанската Влада го испрати во Комисијата на ЕУ на 15 октомври, за идната година буџетскиот дефицит на БДП изнесува 2,4 отсто. Италија соопшти дека во 2020 година буџетскиот дефицит ќе се намали на 2,1 отсто, додека во 2021 година на 1,8 отсто. На овој план за буџетот на Италија имаше реакции од страна на институциите на Европската Унија и земјите членки на Унијата.
Европската Унија на 21 ноември започна дисциплинска постапка поради тоа што италијанскиот нацрт-буџет за 2019 година не ги почитува правилата и не го намалува јавниот долг.
Според правилата на ЕУ, буџетскиот дефицит на земјите членки треба да биде 3 проценти од нивниот БДП, а јавниот долг да биде под 60 проценти од нивниот БДП. Ако се надминат тие граници, потребно е да се соопштат мерките кои ќе бидат преземени, и да се спроведе ефективна борба за негово намалување. Моментално, јавниот долг на Италија изнесува 130 отсто од БДП.