Ekipa
03 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
МОСУЛ (АА) – По судирите со терористичката организација ДАЕШ, градот Мосул во Ирак остана во урнатини, па затоа раселените лица својот живот го продолжуваат во тешки услови во шаторските населби што се наоѓаат во околината на градот, пишува Anadolu Agency (AA).
Во Мосул во 2016 година, откако започнаа операциите против терористичката организација ДАЕШ, поради уличните судири населението ги напушти своите домови и се насели во камповите во околината на градот. Со доаѓањето на зимата животот на внатрешно раселените стана уште потежок.

Околу 10.000 жители на Мосул во бегалскиот камп „Џеда“, во градот Кајара, јужно од Мосул, со крајни напори преживуваат во екстремните услови и калта создадена по обилните врнежи. Оваа состојба најмногу влијае врз децата и жените.
И покрај тоа што помина една година од операцијата за ослободување на Мосул, во повеќе делови на градот проблем се засолништата, а безбедносните проблеми и немањето можности за работа се најголемите пречки поради кои цивилите не можат да се вратат во своите домови.

Внатрешно раселените лица секојдневно сонуваат дека искушенијата во камповите ќе завршат, градот ќе биде обновен и ќе можат што побргу да им се вратат „старите денови“.
Триесет и петгодишната Халиме Мухамед, мајка на пет деца, истакна дека стравува да не се разболат децата поради неухранетоста и лошите хигиенски услови во кампот.

„По ДАЕШ во Мосул не е вратен нормалниот живот. Живееме во тешки услови. Во зима животот во кампот е прилично тежок. Дуваат ветришта, има кал“, рече Халиме.
Дваесет и петгодишната Самах Хамад, истакнувајќи дека во Ирак не ја виделе светлината на денот, нагласи: „Мојот сопруг почина, морам да се грижам за моите четири деца. Надлежните треба да видат како живееме. Во војната не умревме, но принудени сме да живееме во лоши услови и неухранети“.
Хамад наведе дека сака што побргу да започне реконструкцијата на градот и да се вратат во своите домови. Таа додаде дека решавањето на проблемите ќе овозможи стотици илјади мигранти повторно да се вратат во своите домови.