Erdal Türkoğlu
17 Јануари 2018•Ажурирај: 17 Јануари 2018
ХАТАЈ (АА) - ЕРДАЛ ТУРКОГЛУ/ЏЕМ ГЕНЏО -
Сиријците кои се засолнаа во турскиот град Хатај, бегајќи од Африн, кој е под контрола на терористичката организација ПЈД/ПКК во Сирија, чекаат нивните села да бидат исчистени од терористите за да се вратат во своите домови.
Турските вооружени сили (TSK) продолжуваат со распоредување на војниците, додека жителите на Африн кои се засолнати во Турција, внимателно ги следат овие настани.
Семејствата, принудени да ги напуштат своите домови поради притисокот на терористите, ја поддржуваат можната операција на Турските вооружени сили во Африн, и сонуваат да се вратат во своите домови.

Хасан Абу Али, жител на селото Мерјемин, од арапско потекло, во разговор за АА раскажа дека во 2013 година од селото Мерјемин кај Африн дошол во Турција заедно со своето семејство, и дека сега работи како директор на училиште отворено за сириските деца во Рејханли.
Абу Али пренесе дека терористите на ПЈД/ПКК таа година го зголемиле притисокот. „Најпрвин се обидоа младите со сила да ги земаат со себе. Некои кои покажаа отпор ги убија, а други беа ранети. Извршија кражби во сите продавници и куќи. Извршија рација во нашето село, и го застрелаа мојот чичко и неговата бремена сопруга. Мојот чичко остана инвалид, а неговата сопруга почина. Моите два братучеда и еден внук со сила ги зедоа со нив. Ги обучија. Сѐ уште се наоѓаат во нивните раце. Им се закануваат со нивните семејства за да не бегаат. Исто така, од едно семејство убија седум члена. Потоа, голем број луѓе како нас избегаа во Турција“, рече тој.
- „Немаме проблеми со Курдите“ -
Абу Али нагласи дека во нивните региони без проблем живеат заедно со Сиријците од курдско потекло. Тој вели дека Курдите исто така не го сакаат ПКК и сакаат да избегаат од рацете на терористите.
„Нашите сожители Курди сакаат да избегаат од рацете на ПЈД/ПКК, но, од страв не можат да сторат тоа. Сакаме да се реализира операцијата“, нагласи Абу Али, истакнувајќи дека во случај да се исчистат терористите, тие ќе се вратат во своите домови.
Абдо Хамид, од арапско потекло, пренесе дека пред три години заедно со своите шест деца дошол во Турција од селото Мерјемин, кое се наоѓа во руралното подрачје на Африн, откако терористите на ПЈД/ПКК ги зголемиле нивните притисоци, и додаде дека терористите влегле во нивните села.
„ПЈД/ПКК ме принудија мене и моите деца да им се приклучиме. Сакаа со сила да нѐ терат да војуваме против Турските вооружени сили и Слободна сириска армија. Бевме принудени да избегаме во Турција. Се надеваме дека ќе има операција во Африн, ќе се расчистат терористите и дека ќе се вратиме во нашите села“, нагласи Абдо Хамид.