Ekipa
21 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес нема да оствари средба со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, информираат од неговиот кабинет, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од претседателскиот кабинет велат дека претседателот Иванов, кој вчера престојуваше во работна посета на Унгарија, во Македонија ќе се врати доцна вечер, при што нема можност за средба со еврокомесарот Хан.
Дека Иванов во својата агенда не планира средба со еврокомесарот Хан и со тројцата европратеници, уште во петокот му било соопштено на амбасадарот Самуел Жбогар, велат од кабинетот на шефот на државата.
„Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на нивната последната средба на 10 февруари 2017 година, и тие остануваат непроменети. Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана“, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.
Со оглед на тоа што претседателот нема да оствари средба со еврокомесарот Хан, од кабинетот велат дека претседателот Иванов предвидениот термин им го отстапува на претставниците од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан.
Добро е еврокомесарот да се запознае со аргументите и со причините поради кои македонските граѓани протестираат повеќе од дваесетина дена, велат од кабинетот на Иванов.
Претседателот Иванов вчера престојуваше во работна посета на Будимпешта, каде што имаше средби со претседателот на Унгарија, со премиерот и со претседателот на унгарскиот Парламент.