Besar Ademi
23 Јануари 2017•Ажурирај: 24 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Министерството за локална самоуправа на Република Македонија во соработка со Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Скопје ја организираше завршната конференција на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција во периодот 2007-2013 година, во која беа претставени резултатите и успесите на проектот, јавува Anadolu Agency (AA).
За финансирање на заедничките прекугранични активности за периодот 2007-2013 година беа доделени стредства во висина околу 32 милиони евра, од кои околу 12 милиони евра беа достапни за Македонија. 85 проценти од средствата беа обезбедени од страна на ЕУ, додека 15 отсто беа покриени од националните фондови на земјите учеснички, Македонија и Грција.
Министерката за локална самоуправа, Ширет Елези, рече дека во овој период на програмата биле имплементирани 57 проекти и истакна дека прекуграничната соработка преку оваа програма овозможила нови пријателства како во приватниот живот, така и во бизнис планот.
„Резултатите од имплементацијата на проектите покажуваат дека граѓаните и институциите во пограничниот регион не само што имаат потреба за соработка и соживот, туку тие покажаа висока свест и взаемна желба да се реализираат заеднички активности кои исто така ќе донесуваат заеднички резултати“, рече Елези.
Во оваа завршна конференција исто така беа презентирани очекувањата за вториот програмски период за прекугранична соработка меѓу двете земји во периодот 2014-2020 година, за кој се предвидени финанциски средства во висина од ококу 40 милиони евра.
Претставникот на раководното тело на ИПА Програмата за прекугранична соработка во Солун, Грција, Александрос Самарас, истакна дека во текот на првата програма научиле многу работи, и како резултат на ова, според него, вториот програмски период ќе биде уште поуспешен.
„Заедно може да направиме обид за вклучување на сите потребни клучни фактори и носители на одлуки, како и локалните заедници. Мора внимателно да ги разгледаме можностите за нивно вклучување со цел да се покаже дека овие проекти се корисни за одржливиот развој во областа на програмата“, истакна Самарас.
Од друга страна, амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, рече дека прекуграничната соработка помеѓу балканските земји е суштина на процесот на европската интеграција и придонесува за економскиот просперитет и политичката стабилност во регионот.
„Прекуграничната соработка е срцевината на евроинтеграцискиот процес, тоа е тимска работа која ги надминува националните граници и овозможува економски просперитет и политичка стабилност на поширокиот регион. Прекуграничната соработка значи и взаемно збогатување, не само во однос на подобро разбирање и подобри добрососедски односи туку и во однос на работите како што се услугите и инфраструктурата“, рече амбасадорот Жбогар.
Конкретни цели на ИПА Програмата за прекугранична соработка се економскиот развој на граничниот регион, унапредување на инфраструктурата за туризам и транспорт, како и унапредување на животната средина и активности кои се ондесуваат на животот на граѓаните познати како активности од страна на луѓе за луѓе.
Во пограничната соработка на регионот од Македонија учествуваат Пелагонија, Вардар, југоисточниот и југозапандиот дел на земјата, додека од Грција учествуваат Лерин, Пела, Серес и Солун.