Nazlı Yüzbaşıoğlu
31 Декември 2018•Ажурирај: 01 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турското претседателство, Ибрахим Калин, во врска со изразот „курдски сојузници“, кој го користеше американскиот сенатор од Јужна Каролина, републиканецот Линдзи Грем, истакна дека терористите не можат да бидат сојузници, додавајќи дека исто како што ДЕАШ не ги претставува муслиманите, така и ПКК не може да ги претставува Курдите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Калин во објава на Твитер се осврна на оваа тема.
„Ја знаете директната врска меѓу терористичката организација ПКК и нејзините ограноци во Сирија, ПЈД и ЈПГ, и тоа многу отворено го кажавте пред јавноста. Терористите не можат да бидат ваши сојузници. Исто како што ДЕАШ не ги претставува муслиманите, така и ПКК не може да ги претставува Курдите во Сирија или во друго место“, нагласи Калин.
Од друга страна, американскиот сенатор Грем, претходно во објава на Твитер напиша:
„Претседателот (на САД, Доналд Трамп) во случај на можно повлекување од Сирија ќе го обезбеди следното: ДЕАШ целосно ќе биде уништен. Иран нема да се позиционира на празните места. Нашите курдски сојузници ќе бидат заштитени. Претседателот Доналд Трамп зборува со нашите команданти и работи со нашите сојузници за исполнување на овие цели додека се спроведува процесот на повлекување“.
Амбасадорот на Турција во Вашингтон, Сердар Килич, исто така реагираше на оваа објава на Грем.