Zülfiya Yakup
22 Февруари 2016•Ажурирај: 23 Февруари 2016
ПРИШТИНА (АА) - Министерот за европски интеграции на Косово, Беким Чолаку и заменикот претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања , Фатмир Бесими, потпишаа денес во Приштина договор за соработка во врска со важни прашања поврзани со процесот на европска интеграција, кои предвидуваат соработка на двете земји во неколку области, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Чолаку оцени дека „размената на искуства, информации и различни публикации помеѓу овие две земји по пат на овој договор, освен што го забрзува интегративниот пат на двете страни, истовремено ја јакне одличната соработка на Косово и Македонија”.
Заменикот претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, за важен го оцени постигнатиот договор помеѓу двете земји, и изјави дека „размената на искуства од областа на евроинтеграциите е исклучително важна за нашите граѓани кои доследно даваат поддршка на овој процес, правејќи го нашиот регион посилен”.
Овој договор предвидува соработка на двете влади во областа на ускладување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и спроведувањето на тоа законодавство, воспоставување на институции и административни капацитети потребни во процесот на интеграција, спроведување на законодавството на ЕУ, координација на странската помош, особено максимализацијата на ефектот од користењето на финансиските инструменти на ЕУ, како и комуникациските стратегии во процесот на европска интеграција со широката јавност. Договорот ќе важи на неодреден период, односно до интеграцијата на двете земји во Европската унија.