İnci Gündağ
06 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
ЛОНДОН (АА) – Британската кралица Елизабета Втора е монарх што најдолго се наоѓа на престолот на Обединетото Кралство. Кралицата е на престолот веќе полни 65 години. Во таа чест, низ целата земја беа организирани прослави, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на настаните под името „Сафирен јубилеј“, денес во Лондон се одржаа различни церемонии.
Денес во јавноста беше споделена портретна фотографија од кралицата, која е дело на познатиот британски фотограф Дејвид Бејли, со цел да ја овековечи 65-годишнината од кралскиот престол. На фотографијата кралицата е облечена во сина и извезена облека, а носи ѓердан и обетки од сафир, кои татко ѝ, кралот Џорџ Шести ѝ ги подарил во 1947 година, на нејзината свадба.
Од друга страна, британската кралска ковачница за монети, по повод „Сафирниот јубилеј“ изработи сет од спомен-парички. Кралицата денешниот ден го помина во Сандрингам, заедно со својот сопруг Филип, војводата од Единбург, во палатата на англиската династија којашто ја користат веќе 4 генерации. Се очекува брачниот пар по неколку дена да се врати во Бакингемската палата.
- На 25-годишна возраст застана на престолот -
Кралот Џорџ Шести почина во Сандрингам, на 6. февруари 1952 година. Кралицата Елизабета Втора, веднаш по смртта на својот татко застана на престолот, а во 2015 година, на 89-годишна возраст го урна рекордот на својата баба, Кралицата Викторија, и стана монарх кој во историјата на британската монархија е најдолго на престолот.
Во периодот на владеењето на деведесетгодишната кралица Елизабета Втора, во Британија се сменија 14 британски премиери, почнувајќи од Винстон Черчил, до сегашната премиерка Тереза Меј.
Кога таа дојде на престолот во 1952 година, Јозеф Сталин сѐ уште беше лидер на Советскиот Сојуз, а претседател на САД беше Хари Труман. Кралското крунисување на Елизабета Втора во 1953 година, беше првата ваква церемонија што се прикажуваше во живо на телевизија.
- Кралицата двапати ја посети Турција -
Кралицата Елизабета Втора двапати ја посети Турција, еднаш во 1971 и еднаш во 2008 година, при што ги посети Анкара, Истанбул, Измир, Кушадаси и Бодрум.
Богатството што го поседува се проценува на околу 340 милиони фунти.
Таа е постарата ќерка на кралот Џорџ Шестти, а на 21-годишна возраст, во 1947 година се омажи со Филип, војводата од Единбург. Тие имаат 4 деца, од кои една ќерка. Рекордното владеење на престолот на кралицата Елизабета Втора е причина што нејзиниот најстар син Чарлс, 68-годишниот принц од Велс најдолго чека да седне на престолот.
- Здравствената состојба на кралицата -
Минатиот декември, поради „тешка настинка“, кралицата Елизабета Втора не учествуваше на традиционалната божиќна миса, како и на црковните миси. Сѐ почестото оддалечување на кралицата од јавните настани меѓу народот, укажуваат на нејзината здравствена состојба.
Минатата година беше објавено дека одговорностите во врска со граѓанските здруженија ќе ги префрли на други членови од династијата. Ова ги отвори шпекулациите дека Елизабета Втора можеби ќе се пензионира во 2017 година.
Во случај да се зголемат здравствените проблеми на кралицата, а таа да не сака да го остави престолот самоволно, според британските закони, делегација составена од политичари, бирократи и претседателот на Долниот дом во Парламентот, имаат право да ја симнат од престолот.
Доколку кралицата го остави престолот, нејзе ќе ја наследи нејзиниот син Чарлс. Во тој случај, 68-годишниот Чарлс ќе стане најстариот монарх во историјата на Британија. Наследници на Чарлс се неговиот син Вилијам и внукот Џорџ.