Ekipa
28 Декември 2016•Ажурирај: 30 Декември 2016
БЕЈРУТ (АА) - Либанскиот Парламент со големо мнозинство ја поддржа Владата на национално единство, предводена од премиерот Саад Харири, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласањето се одржа денес, откако парламентарците го сослушаа експозето за политиката на новата влада, во кое беа истакнати нејзините приоритети во наредните месеци.
На седницата на Парламентот, кој брои 128 членови, присуствуваа 92 пратеника. Новата влада беше изгласана со 87 гласа за, четири против и еден воздржан.
Составот на новата 30-члена Влада на национално единство, предводена од Харири, е избран на 18 декември, два месеца по изборот на нов претседател на Либан, а премиерот вети дека неговиот главен приоритет ќе биде да ја штити земјата од последиците од граѓанската војна во Сирија.
Во Владата се вклучени поголемиот број политички партии во земјата, а две места му припаднаа на Хезболах.