İdris Okuducu
28 Декември 2016•Ажурирај: 29 Декември 2016
ЕРБИЛ (АА) - Мајорот Џон Доријан, портпарол на меѓународната коалиција што САД ја предводат во борбата против терористичката организација ДЕАШ, изјави дека операцијата за ослободување на ирачкиот град Мосул претставува тешка битка и дека не е можно во оваа фаза да се предвиди кога Мосул ќе биде ослободен од терористите, јавува Anadolu Agency (AA).
Обединетите ирачки сили, поддржани од воздухопловните сили на меѓународната коалиција, на 17 октомври започнаа операција за ослободување на Мосул од терористите на ДЕАШ, а мајорот Доријан во интервју за АА истакна дека операцијата и судирите со терористите и понатаму траат во источниот дел на Мосул.
„Невозможно е да се процени кога источниот дел и целиот Мосул ќе биде слободен град. Тоа не е трка. Ова е тешка војна за сите воени сили на теренот, вклучувајќи ги и војниците на САД“, вели мајорот Доријан.
Џон Доријан истакна дека ирачките сили ги опколиле терористите на ДЕАШ, кои се наоѓаат во центарот на градот и во одредени периферни делови, и дека во тек се жестоки судири.
„Сепак, не смее да се заборави реалноста на она што е на теренот. ДЕАШ е под апсолутна опсада и неговите упоришта се секојдневна цел на артилериски и воздушни напади. Терористичката организација во Мосул веќе не може да ги обнови силите, ниту пак да добие логистичка поддршка“, вели мајорот.
На прашањето на новинарот на АА за состојбата во регионот Тал Афар, во којшто шиитските милитанти од одредот Хашди Шаби, го ставиле под опсада туркменското население, Доријан вели дека меѓународната коалиција не им дава директна поддршка на тие милитанти.
„Но, во тој регион ги поддржуваме активностите на ирачката армија. Коалицијата ќе продолжи да спроведува воздушни напади врз упориштата на терористите на ДЕАШ“, истакнува Доријан.
Мајорот даде коментар во врска со тврдењата на одредени кругови дека операцијата во источниот дел на Мосул е суспендирана, односно изрази уверување дека ирачките сили ќе ги интензивираат нападите врз ДЕАШ, но дека поради воените акции не може попрецизно да одговори во врска со временските одредници.
За улогата на коалицијата во операцијата за ослободување на Мосул, Доријан истакна дека задачата на коалицијата е да ги поддржи ирачките сили во ослободувањето на градот.
„Коалициските сили им даваат советодавна поддршка на ирачките команди, им даваме разузнавачки податоци и обезбедуваме логистичка поддршка и извидување. Особено се важни воздушните напади што ги изведуваме врз упориштата на терористите. Од почетокот на операцијата, коалициските авиони изведоа вкупно 7.500 напади“, рече Доријан.